Среќа во семејството – Најверните осум раси кучиња – ММС
ММС

Објавено на: 01/2/23 4:17 PM

Среќа во семејството – Најверните осум раси кучиња

Некои раси кучиња се поверни од другите. Некои со сопствениот живот ќе го бранат својот сопственик. Следи листа од осум можеби најпредани раси и нивните особини…

  1. Акита ину. Кучето Хачико, кое го чекаше својот починат сопственик девет години по неговата ненадејна смрт, е вистински пример за тоа колку кучињата можат да бидат верни. Се работи за раса кучиња одгледани во Јапонија, со достоинствен и храбар темперамент, „полни љубов, но и почит кон најблиските луѓе“ околу нив… Иако понекогаш кучето знае да биде и тврдоглаво.
  2. Бигл важи за типичен вид семејни кучиња. Светската асоцијација на одгледувачи ги опишува како „извонредни ловечки кучиња и верни пријатели“. Одгледувани да ловат во глутници, биглите го сакаат друштвото и на луѓето и на другите кучиња. Секогаш им треба друштво, било да е тоа човек или куче. Со мал напор, биглите лесно се учат да бидат нежни со децата и со другите кучиња.
  3. Чивавата е мало куче со голема личност и навистина верен пријател. Тие се најмалата раса, а некои тежат и под два килограми. Речиси сите единки се целосно посветени на луѓето што ги сакаат и го впиваат сето внимание што може да го добијат. За ова куче важи тоа дека е диво и лошо кон туѓинци, но тоа веројатно е резултат на верноста кон својот сопственик.
  4. Јазовичарот е познат не само како една од најверните раси кучиња, туку е и меѓу најзабавните, живи кучиња, пријателски расположени, со многу силно сетило за мирис… Доста е интелигентно, па често е и тажно ако сопственикот не му посвети доволно време. Ги сака сите што се запознале со нивниот жив карактер, ловечките својства и лојалноста кон луѓето со кои живеат.
  5. Доберман – кога има добро педигре и правилен тренинг, тој е вистински пријател и чувар. Овие интелигентни кучиња често се дел од воените и полициските единици, ги сакаат своите сопственици, многу активности и авантури во природа. Нивната верност кон луѓето не е ограничена само на нивниот сопственик – ги сакаат луѓето воопшто и затоа се толку популарни низ историјата.
  6. Германскиот овчар, кого светската асоцијација на одгледувачи на кучиња го нарекува „раса што вистинските љубители на кучиња ја обожаваат“, ја стекна славата co својата исклучителна интелигенција и благороден темперамент. Тие совршено ќе ја завршат секоја задача, без разлика дали тоа е полициска работа, како куче водич, спасувач на планина или дури и натпреварувач во кучешки спортови. Тие се вистински пријатели. Сепак, потребно е време за да им се допадне некој, но штом ќе се приврзат, стануваат исклучително верни.
  7. Јоркширските териери важат за кучиња со силен темперамент… Храбри, решителни, љубопитни и полни енергија, тие се одлични пријатели. Постојано сакаат авантури, па понекогаш прават и некои непосакувани работи… Обично добро се согласуваат со други кучиња, па и со мачки во домот. Нивната верност е безгранична.

8. Сент Бернард (бернардинци) се џиновски кучиња од една од најпопуларните раси токму поради тоа што се пријателски настроени кон луѓето и се многу трпеливи. Бернардинецот е совршен миленик за семејство со деца. Но, потребно е внимателно да се избере леглото, бидејќи ова куче е склоно кон генетски болести. По вдомувањето, потребен е сериозен тренинг, учење и социјализација.