Судскиот совет нема надлежност да ја поништи одлуката на Апелацискиот суд од Скопје за случајот „ Таргет -Тврдина“ за незаконското прислушување, во кој првоосомничен е Сашо Мијалков. Судењето според одлуката на скопска Апелација ќе мора да се повтори, како што стои во одлуката, по целосното укинување на пресудата. Овој предмет застарува во 2025 година. Ако се суди според обемноста, како и долготрајноста на првичната постапка, дури и со најревносното судење, големи се шансите, овој предмет да застари, а со тоа обвинетите да ја избегнат правдата. Ова е објаснувањето на новинарот Саше Димовски, кој е специјализиран за темата правосудство.
Како што е познато, Судскиот совет најави дека денеска ќе го разгледа текот на предметот во текот на одлучувањето по жалба во Апелацискиот суд – Скопје. Според законот, Судскиот совет не може да укине пресуда, но доколку утврди незаконско постапување, може да покрене постапка за разрешување на судиите кои одлучувале.
Одлуката предметот „Таргет-Тврдина“ да се врати од почеток ја донесе петочлен совет од предводен од судијата Јани Нича. Судија известител беше Енвер Беџети, а другите тројца членови беа: Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева. Одлуката беше објавена во петокот, 16 декември, но како што јавноста дозна, била донесена на 5 декември, на две дена пред пензионирањето на еден од членовите на советот, судијката Лидија Чачева.
Според толкувањето, Судскиот совет може да побара одговорност поради фактот дека одамна биле поминати законските 60 дена од одржувањето на седницата за жалбената постапка на Апелација до објавувањето на одлуката, која ја шокираше јавноста. На овој совет му требаа повеќе од 9 месеци да ја донесе одлуката.
-Судскиот совет во рамките на своите законски надлежности ќе го испита конкретниот случај и за преземените дејствија и констатираната фактичка состојба ќе бидете навремено известени. Укажувам дека Судскиот совет нема надлежност да преиспитува, односно да оценува судска одлука, но има надлежност да ја констатира состојбата за текот на постапката во смисла на ажурно постапување и дали одлуката била донесена од страна на судија на кој му престанал мандатот поради исполнување на услови за старосна пензија, стои во писмената изјава претседателката на Судски совет, Весна Дамева.
Во случај на значајно прекршување на законите при одлучувањето, судиите можат да се најдат на одговорност пред Судскиот совет. Престанок на судиската функција е една од одлуките, кои може да ги определи Советот.
Во членот 60 од Законот за Судски совет пишува дека судијата се разрешува од судиската функција по две основи:
1.)поради сторена потешка дисциплинска повреда пропишана со закон што го прави недостоен за вршење на судиската функција и 2) поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција, утврдено со закон.
Судскиот совет ќе заседава денеска попладне. Независно од одлуката, Кривичниот суд – Скопје се очекува одново да ја започне обемната постапка за судскиот предмет „Таргет – Тврдина“, за делото за прислушување на над 20.000 македонски граѓани. Со првостепената пресуда Сашо Мијалков, беше осуден на 12 години затвор, екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која веќе е во затвор, беше осудена на четири години. Разузнавачите во бегство, Никола Бошковски и Горан Грујовски добија највисоки казни од по 15 години затвор.