Амбасадата на Соединетите Американски Држави во земјава издаде безбедносно известување за граѓаните кои планираат да ја посетат Македонија поради дојавите за бомби, но и поради кражби.
На веб-страницата на Амбасадата на САД се апелира дека „доколку се најдете на локација на која има дојава за бомба, следете ги упатствата на лицата одговорни за безбедноста и полицијата“.
Се наведува и дека поради потенцијално зголемен криминал за време на празничниот период и постојаната закана со бомби низ Северна Македонија, граѓаните треба да бидат свесни за околината и во однос на кражбите.
„Исто така, има пораст на пријавени закани за бомби повеќе пати неделно низ Скопје и регионот, на станици за јавен превоз, аеродроми, хотели, трговски центри, спортски центри и училишта. Локалните органи за спроведување на законот ја истражуваа секоја закана и досега сите закани за бомби беа лажни. Ако се најдете на локација што добила закана за бомба, следете ги упатствата на локалниот безбедносен персонал и полицијата на лице место“, се наведува во соопштението.