Млади лекари од Кочани не биле примени на конкурс за вработување во Општата болница иако ги исполнувале условите – ММС
ММС

Објавено на: 12/17/22 4:02 PM

Млади лекари од Кочани не биле примени на конкурс за вработување во Општата болница иако ги исполнувале условите

Обвинувања за нерегуларности и пристрасност од страна на раководството на Општата болница со проширена дејност од Кочани упатија младите лекари Стојан Лазаров и Андреј Коцев.

Тие уредно се пријавиле на конкурсот за вработување на шест лекари, но иако се нашле повисоко на ранг листата, биле одбиени. Наместо нив, примени се кандидати кои имале помалку поени, биле со понизок просек и се нашле на седмото и осмото место на листата.

-Уредно поднесов документација, а од страна на Комисијата за селекција бев соодветно оценет со поени од стручниот испит и од познавање на англискиот јазик. Се најдов на трето место на ранг листата, а мојот колега Коцев беше шести. Директорот на болницата, спротивно од предложената листа, нè тргна нас, а прими лица кои имаат двоцифрено помалку поени. Штом е донесена таква одлука, се прашуваме која е потребата од просек во оценките, полагање испит и зошто постои Комисијата, истакна Стојан Лазаров.

Двајцата кочански лекари побараа средба со министерот за здравство, Беким Сали, за да го запознаат со случајот и да помногне во неговото расчистување.

-Ја повикуваме и Државната комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос од втор степен да го разгледа случајот. Исто така, во текот на идната недела ќе поднесеме соодветна пријава против директорот на болницата, за злоупотреба на службената должност, истакна Андреј Коцев.

Директорот на Општата болница со проширена дејност, Александар Серафимов, не беше достапен за одговор во врска со случајот.