(видео)Буџетот за 2023 за опозицијата е инфлаторен, за власта одговор на моменталната ситуација – ММС
ММС

Објавено на: 12/17/22 3:22 PM

(видео)Буџетот за 2023 за опозицијата е инфлаторен, за власта одговор на моменталната ситуација

Буџетот за 2023 година, беше тема на денешното издание на емисијата Стадион на Канал 77. Пратениците Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ и Лидија Тасевска од СДСМ, дебатираа на оваа тема.
„Буџетот е со дупка од 1,5 милијарди евра и сметам дека тоа е нешто што Република Македонија нема да може да го издржи и ќе требаат многу сериозни корекции“, кажа Стојаноски.


Според него буџетот е инфлаторен, буџет кој нема да даде одговор на најсериозните прашања на македонското општество и кој дополнително ќе не задолжи и заглави.
Стојаноски не се согласува со логиката за зајакнување на стопанството кога се покачуваат ставките за договорни услуги, набавка на мебел и возила, нема да има градба на нови автопати, болници, училишта, спортски сали итн.
Според него невозможно е оваа Влада да реализира капитални инвестиции во вредност од 800 милиони евра.
„ Оваа Влада смени 3 премиери во овие 6 години, а имаме само 2 километри автопат кои и тие не се започнати. Токму затоа е малициозно да зборуваме за капитални инвестиции“, кажа Стојаноски.


Според пратеничката на СДСМ, Лидија Тасевска, буџетот за 2023 година е одговор на целокупната ситуација во којашто се наоѓа нашата држава, а ние не сме изолирани од севкупното опкружување во регионот и светот.
„Три клучни работи се битни за буџетот. Тое е дека се планирани 800 милиони евра за капитални инвестиции, 250 милиони евра помош за антикризни мерки и 120 милиони за пензии. Овој буџет е за граѓаните и за фирмите и претставува ветер во грб за економијата и мора да сфатиме дека овој најстратешки документ на државата е многу повеќе од биланс на приходи и расходи, туку севкупен план за политики и мерки на владата,“ образложи Тасевска.
Може да се види, додава Тасевска, дека ставката за патни трошоци е намалена за 80 милиони денари, поправка и одржување на возила за 48 милиони денари, набавката на нови возила за 33 милиони денари и на други расходи и репрезентации за 62 денари.
„ Она што Стојаноски го кажа за автопатите и за километрите не е точно.Кога во 2017 година формиравме Влада ги наследивме со огромни пропусти и коишто мора да се отстрануваат за да може да бидат исправни и да може да се користат како што е потребно. Не е само да се рече дека автопатот е завршен, туку тој треба да служи за граѓаните,“ рече Тасевска при денешното гостување во емисијата Стадион на Канал 77.

Продледете ја целата дебата во денешното издание на Стадион.