Живот меѓу ракетните напади – Со Серхии Барбу, украински новинар за живеење во воени услови – ММС
ММС

Објавено на: 12/15/22 4:11 PM

Живот меѓу ракетните напади – Со Серхии Барбу, украински новинар за живеење во воени услови

Група украински новинари на паузата меѓу две сесии од тренингот за Одржливост на медиумите и медиски менаџмент во Стокхолмската школа за економија во Рига, Латвија, се собираат на едно место и со загриженост гледаат во екраните на своите мобилни телефони.

Отворена им е апликацијата, која со светли точки, покажува каде во моментот се одвиваат руските ракетни напади. Екранот на телефонот е буквално една голема сјајна точка. Втората апликација додека се во Рига не им функционира, но кога ќе се вратат во Украина им е витална. Оваа апликација алармира кога почнуваат руските напади, по што итно заминуваат во засолништата.

Од 24 февруари 2022 година, во Украина повеќе ништо не е исто. Повремениот живот во засолништа, часови без струја и интернет и силна волја да се издржи и земјата да се врати во својот нормален тек. Руските војски последните недели за своја цел ја имаат енергетската мрежа, што уште толку го нарушува тој некаков нормален воен тек на животот. Но, доколку очекувавте дека ќе слушнете како овие млади новинари се жалат на таков живот, се лажете. За нив тоа е само нешто што треба да помине и наскоро, да се вратат на своите животи.

За тоа како изгледа да се живее и работи во телевизија под постојани руски ракетни напади, разговаравме со 29-годишниот новинар, Серхии Барбу, водител на вести на ТВ Канал 5 од Киев (Киив). Интервјуто го снимивме во Рига, каде Серхии ја посетува едногодишната школа за Одржливост на медиумите и медиски менаџмент. ММС го праша, како изгледа неговиот вообичаен ден.

-Станувам во 7 наутро и очекувам почеток на ракетни напади, кои обично почнуваат околу 8 – 9 часот. Мојата емисија почнува во 9 часот и ако се’ е добро, тогаш почнувам со вести во живо, но ако нешто се случи, ако има аларм за напади, се извинуваме на публиката, кажуваме дека сме во опасност, ја прекинуваме програмата во живо и одиме во засолништа каде чекаме зелено светло за да го напуштиме.


фото: Внатрешност на засолниште
Дали останувате долго време во засолништето додека повторно да се вратите на редовните обврски?

-Различно е. Некогаш може да е само половина час – час, некогаш пет часа, но е многу различно. Еден ден можам да бидам во засолништето неколку минути, а следниот три – четири часа. Никогаш не се знае.


фото: Новинари во засолниште
Опишете ни како е да се биде во засолниште. Дали имате храна, струја…Дали е топло?

– Не…како да објаснам? Ако си донесете храна, ќе имате. Не е можно да складирате храна за неколку дена. Вообичаено е топло, но понекогаш студи. Додека сме во засолништето, нема интернет, нема мобилна мрежа бидејќи засолништето е под земја. Ако сакаш да ги повикаш родителите, некој близок, мора да излезеш и да бидеш на тлото.  Во последно време ни го напаѓаат системот за снабдување на електрична енергија, по што се случува да сме без струја 5-6 часа. Имаме струја кога се ракетните нападите од воздух.

фото: Импровизирано осветлување додека има прекин на електричната енергија

Како се живее без струја во овие смрзнувачки денови во Украина?

-:„Интересно“ е. Можеби звучи чудно за некој од надвор, но, ние во засолништата седиме со насмевка. Ние знаеме дека имаме силна војска, верувавме во неа. Чекор по чекор ја враќаат нашата територија. Војската е силна и многу добро се бори со Русите. Очекуваме победа. За во засолништето имам специјална опрема која работи на гас. Ако треба нешто да зготвам, ја вклучувам и си правам кафе, можам да спржам јајца…

 Како седите во вашите домови без струја, греење… Нели ви студи?

-Немаме избор. Седам така бидејќи немам друг избор. Седам без струја и греење дали во засолниште, дали дома. Војна е. Морате да разберете, ние во нашата земја имаме војна. По 24 февруари се’ може да очекуваме.

фото: Кога нема греење, може и вака да се загрее станот

 Како работат болниците, градинките…?

-Градинките не работат. Болниците работат без прекин, бидејќи имаат генератори за струја, имаат осветлување, струја. Не се затворени. Училиштата во западниот дел на Украина работат секојдневно, речиси нормално. Во централниот дел може да се случи да работат неколку дена, по потоа да бидат затворени 3-4 дена. Во источниот дел на Украина, училиштата не работат.

Што се случува со економијата, бизнисот, фирмите. Како работат луѓето и фабриките?

-Се развиваат. Во западна Украина, во Киев, продавниците работат. Имаат генератори. Рестораните работат на свеќи, што може да се каже дека е романтично да се седи во ресторан на свеќи (во шега н.з.). Се обидуваме да живееме.

фото: С.Барбу со колешка новинарка во засолниште во исчекување за поминат нападите

Што се случува со младите – имаат ли места за забава, ноќни клубови и сл.?

-Не, ноќните клубови не работат, затворени се. Секој ден умираат луѓе во војната. Немаме официјални бројки, војна е, но знаеме дека бројот на загинати Руси е поголем. Се надевам.

Што се случува кога сте некаде надвор, на пример на зелен пазар и слично, а добивате аларм за напади?

-Поинакво е чувството кога почна војната. Многу добро го паметам тој 24 февруари кога почна војната. Беше многу страшно. Дезориентиран си, не знаеш што да правиш. Слушаш аларми, има воздушни напади. Киев беше бомбардиран од Русите и тоа беше многу застрашувачко. Чувството е како да си соочил со крајот на твојот живот. Сега, времето во војна станува наша нормалност. Кога ќе слушнам аларм за напади во супермаркет, правам што сакам. Ако треба да купам леб, купувам, плаќам и одам во засолниште. Нема да го фрлам и да кажам: „Оф Боже, аларм! Што да правам сега?!“.

фото: Влез на засолниште

Како организирани луѓето во воени услови?

-Имам апликација на мојот мобилен телефон, која ме информира дека доаѓа опасност. Не е воопшто пријатен звукот на аларм. Не можам точно да се сетам, ама мислам дека оваа апликација работи од првите денови од почетокот на војната. Апликацијата први почнаа да ја користат жителите на Киев, а веднаш потоа и останатите делови на Украина. Освен апликацијата, има систем за тревожење на улица и нема шанси да не се чуе кога почнуваат руските напади.

Какви се очекувањата на луѓето, повикуваат ли на брзо завршување на воените дејствија? Како ќе заврши ова воено лудило?

-Ќе биде наша победа. Украинската армија е препородена. Во пост- советскиот период украинската армија остана без ништо, но сега е силна војска со мудри момци и девојки, со технолошки современа опрема. Но, ни треба уште опрема и оружје, технологија од Запад, оружје, воздушен одбранбен систем. Многу е важно да се зачува нашиот енергетски систем, бидејќи сега Русите не се борат со нашата армија, гледаат дека не можат да се справат, затоа одат против нашите граѓани, се борат со цивили. И ова е воено злосторство.

Кога зборувате со обичните граѓани, што кажуваат, за што се загрижени, за што се прашуваат?

– Прашуваат како можат да помогнат и да ги поддржат нашите момци и девојки на фронтот. Во текот на овие исцрпувачки месеци на војна никој не рече дека е уморен, исцрпен. Знаат дека во прашање е судбината на нашата татковина. Дека сега е пресуден момент. Русите сакаат да предизвикаат антивладини протести и митинзи. Мислат дека тоа што ќе ги остават Украинците без струја и премрзнати, ќе ги испровоцираат граѓаните да излезат на улица, кои и ќе и’ порачаат на нашата Влада – ајде почнете ги преговорите со Русија. Не. Тоа не се случува и нема да се случи. Јас сум 100 отсто сугурен во тоа.

Што ќе им порачате на луѓето од другите земји, кои за војната само читаат, гледаат, слушаат?

– Ако не ни помогнете сега на нас, вие ќе бидете следни.

В.Коловска

фото: Серхии Барбу