Подеми и падови, од тоа е составен животот, а дека е тоа така на своја кожа најмногу почуватвува пејачката Соња Тарчуловска.
По успешна музичка кариера, Соња микрофонот го замени со патувања во затворот во Хаг, па по осум години, откако Јохан се врати дома, се посвети на семејството, роди и трето дете, а музиката остана на страна.
Но, по една деценија пауза, таасними нова песна „Црвено“ и по желба на нејзината ќерка Мелани, која го направи текстот, Соња се враќа на естрадата.
Ова беше повод со Соња да поразговараме не само за музиката, која е нејзина прва љубов, туку и за минатото, семејството, мајчинството, бракот и се она што ја натера Соња да се повлече од музиката. Но, секако најпрво за песната, која е причина за нејзиниот кам бек.
-Песната е преработка, ја има во многу верзии. Прво се двоумев дали да ја испеам, во моментов поддршка и треба на Мелани, бидејќи тргнува по стапките на мама. Но, таа ми кажа- не мамо, време е да се вратиш. Јас не би рекла дека се враќам како што беше порано, но зошто ако има некоја песна што ми се допаѓа да не ја испеам. Ова песна во оригинал е инструментал и кога ми ја пушти Мелани и реков, супер е, може да ја испееш. И тогаш Мелани ми рече- мамо, за тебе ја напишав. Да, песната има многу верзии, но секој ја пее со своја емоција, па кој во која ќе се пронајде ќе ја слуша. Мене цело ова време ми недостасуваше песната. Па, јас почнав да живеам со музиката и така ќе биде до крај. Ми требаше време. Јас знам што сакам да пеам, сакав да биде нешто поразлично, а еве сега Мелани ме упатува во она што е модерно.
Но, последните години пред да се повлечеш пееше и патриотски?
-Оваа песна е некој микс, а јас многу ја сакам народната музика. Да, последните години почесто пеев патриотски, што не значи дека нема пак да испеам таква. Но, ова е еден нов печат после песната „Во бело“.
За сите овие години додека те немаше, додека беше далеку од музиката, што правеше? Во почетокот за твојот приватен живот се знаеше се, но по враќањето на Јохан од Хаг буквално се повлече.
-Па родив трето дете, Јоана е веќе второ одделение. Благодарение на Бога успешна сум како мајка, како сопруга, а за музиката понатаму, треба да решам дали ќе продолжам и ако продолжам се надевам дека ќе биде успешно. Ова беше од ќејф, од голема желба иако знам да бидам многу непредвидлива. Песната требаше да ја промовирам за Нова Година, но еве се случи порано. Една песна можеш да ја промовираш колку сакаш, но се зависи од публиката, ако таа ја засака тоа е тоа.
Музичка кариера почнува и Мелани, не сметаш дека ќе си бидете конкуренција? Дали желбата на Мелани за музика те врати и тебе, или можеби децата пораснаа и сега можеш да се посветиш на себе?
-Се беше сосема случајно. Кога Мелани ми ја понуди и реков не, не е време. Мислев после Нова Година. Но, таа ме убеди. Песната асоцира на Нова Година, на црвено, љубов, вино, Божиќ. А ривалство, никако. Јас и Мелани освен што сме мајка и ќерка, сме и најдобри другарки. Јас сакав само да излезам од зоната на комфорот и благодарение на Мелани се вратив со оваа песна. Навистина ми се допадна мелодијата, Момировски супер ја направи, а со текстот звучи уште поубаво.
Што ти беше комфорна зона сите овие години? Кај се сокри?
-Дома. Домот е место, независно дали со семејство, дали сам, дали со милениче, каде се чувствуваш најубаво. А јас се од тоа сум била во животот. Имајќи предвид дека мене животот не ме галеше, убаво ми беше со семејството. Зиме дома или некаде на бања, летно време на некоја дестинација која можеби сме ја договориле ден претходно, па подготви куферите и тргнувај. Така живеев овие години, а секако и ми пријаше мајчинството. Јас на подоцнежни години и родив трето дете. Значи имав семејни обврски и затоа ме немаше. Не е лесно да се воспитуваат три деца во ова време. Особено што за Мелани и Младен сама се грижев. Па и на подоцнежни години да се одлучиш и на трето… Ама му благодарам на Бога ете ми ја даде и Јоана и не врати сите во младоста, не подмлади. Па откако порасна Јоана купивме малтезерче и сега сме супер и комплетни.
Колку причина за твоето повлекување беше враќањето на Јохан од Хаг, осум години бевте разделени?
-Да, цели осум години бевме разделени. Но, реално за сето време претходно бев сама со децата, па кога се врати Јохан ми беше убава семејната топлина, да си бидеме сите заедно. Ми влијаеше убавото чувство на заедништво во домот. А и на децата им недостасуваше тоа.
Се зборуваше дека и Јохан не ти дозволувал да пееш?
-Неееее.. Ако било така и сега немаше да пеам. Па мене Јохан ме запозна како пејачка и јас како таква ќе останам до крај. Што и да работам друго, јас ќе останам пејачка.
Како сега се сеќаваш на времето кога трчаше по патиштата кон затворот во Хаг, кога сама, кога со децата. Многу работи се случуваа тогаш, па и синчето Младен е дете од Хаг.
-Реално околу таа тема решив да не размислувам. Секако дека тоа нема никогаш да избледи или се заборави. Сето она што го поминавме јас и децата во тој период не може да се опише со зборови. Сама жена беспомошна, толку млада, а толку силна. Се чудам од каде ми била таа сила. Ниту политиката ми беше јасна, ниту ме интересираше. Воопшто не беше лесно и затоа не се заборава лесно. Било, поминало и да не се врати.
По враќањето на Јохан многу не ви предвидуваа иднина на бракот, но еве успеавте. Како?
-Се е Божја волја. Колку и да сакаме нешто, ако не рекол Бог, се е џабе. Така и за нас. Не можам да кажам дека има совршени бракови, проблеми има во бракот на секој и од различни причини. Но, можам да кажам дека ако немало љубов ќе немало и трето дете. Откако сме заедно се занимаваат со нашиот живот, знам дека луѓето се љубопитни. Гласините за нашиот брак не се вистина, функционираме добро. Знаеме да се организираме, да направиме да ни биде убаво. Сакавме да го наместиме изгубеното време, да бидеме што повеќе заедно. Вака или така со сите премрежја што ги имамве со Јохан ние издржавме 20 години заедно. Тоа е живот. Со добра песна и вино, со добра мисла, со вера, надеж и љубов се може човек да направи. А лесно нема никаде. Тој што ќе каже ќе излаже. Па и пораката во песната е таа, а се однесува за сите.
Дали ова враќање значи дека им се враќаш и на настапите, тезгите…?
-Сега за сега ќе остане вака. Имам уште некои новини, кои нема сега да ги откријам. Зошто да не, иде лето па ќе има нешто.
Мелани годинава е дел од „Ѕвездите на Гранд“, кој совет и го даде?
-Да, да. Ѓорге Давид и е ментор. Мелани има поддршка, вежба, учи, не е лесно. Но, што има лесно. И кажав дека најубаво е чекор по чекор, дека не е многу убаво да бидеш веднаш на високо. Од златна средина нема ништо поубаво. Единствено нешто кое е многу битно кога ќе почнеш со музика е цврсто да стоиш на нозе, на земја. Да биде приземјена. Јас кога ја објавив „Во бело“ бев на турнеја во Австралија и кога се вратив на првиот настап веќе сите ја пееја. Од тогаш мојот живот навистина се смени. И реков само да не се случи славата да ја направи нечовек, тоа е многу важно. Да остане истата, да остане човек, да остане другар, да остане таква каква што е, бидејќи ваква каква што е е златна. Не дека сум и мајка, ама навистина е прекрасна.
Весна Миленковска