Поради долг исклучена струјата во „ЖРСМ Транспорт“, можен прекин на железничкиот сообраќај – ММС
ММС

Објавено на: 12/15/22 10:20 AM

Поради долг исклучена струјата во „ЖРСМ Транспорт“, можен прекин на железничкиот сообраќај

Исклучена е струјата на „ЖРСМ Транспорт“ АД во депото во Лисиче во Скопје и во објектите во Велес, поради долг за електрична енергија кон „ЕВН Македонија“, потврдија за МИА од железничкото претепријатие.

Оттаму најавуават дека исклучувањето на струјата ќе повлече и прекин на сообраќајот што ќе се случи откако ќе биде потрошена нафтата во возовите. Без објектите каде е исклучена струјата, појаснуваат, не може да функционира претпријатието, бидејќи тука се снабдуваат возовите со нафта, а пумпата работи на струја.

Според последните информации, „ЕВН Македонија“ побарува од „ЖРСМ Транспорт“ над 400 милиони денари за електрична енергија.

Раководството на „ЖРСМ Транспорт“ е во комуникација со Владата, од каде неодамна најавија дека државата ќе ги плати долговите за струја на државни институции.

Премиерот Димитар Ковачевски завчера изјави дека Владата ќе ги покрие долговите за неплатена струја на државни институции на ЕВН.

– Тоа се буџетски организации и заради зголемената цена на електрична енергија, Владата направи прераспределба на финансиски средства кои се одобрени и ќе ги достави до Собранието со цел да се обезбеди непречено работење на овие институции, рече премиерот Ковачевски во одговор на новинарско прашање.

ЕВН има даде рок до 15 овој месец на повеќе институции да го платат долгот за потрошена електрична енергија, меѓу кои се и Клиничкиот центар и „ЖРСМ Транспорт“ и други.