Марш на сексуалните работнички од споменикот Мајка Тереза до плоштадот Филип Втори – ММС
ММС

Објавено на: 12/14/22 1:16 PM

Марш на сексуалните работнички од споменикот Мајка Тереза до плоштадот Филип Втори

 

Оваа година, сексуалните работници одбележуваат јубилеј – 15 години Марш на црвените чадори.

-По повод одбележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници,  во рамки на овогодинешната кампања „15 години колективен глас против насилството врз нас“, ја известуваме јавноста за одржување на петнаесетиот Марш на црвените чадори во Скопје. Маршот на црвени чадори ќе се одржи на 17.12.2022 (сабота) со почеток во 12 часот. Традиционално, Маршот ќе започне на платото пред Спомен куќата на Мајка Тереза на улица „Македонија“ и ќе заврши на плоштадот „Филип II“.  Овогодинешната кампања ја посветуваме на 15 годишниот јубилеј, преку ретроспектива на изминатите маршеви на црвени чадори, на сите наши успеси, постигнувања, јавни пораки и барања, но и предизвици и проблеми со кои сме се соочувале низ годините во борбата против насилството и дискриминацијата, информираат тие.

Првиот Марш на црвените чадори беше одржан во Скопје на 17-ти декември 2008 година, во организација на здружението ХОПС и тогаш неформалната група СТАР-СТАР. Првите три години јавните протести на сексуалните работници беа симболични и се одвиваа без присуство на медиумите, што пак се должеше на стравот да излеземе во јавност и јавно да зборуваме за нашите проблеми и потреби.

-Но, од година во година станувавме се похрабри и погласни во борбата против насилството, стигмата и дискриминацијата. Од година во година овие јавни настани добиваа се поголема видливост. Повеќе не сме скриени во општеството и зборуваме во свое име. Денес, достоинствено маршираме низ Скопје, заедно со голем број сојузници, активисти и поддржувачи. Денес, гордо ги застапуваме нашите човекови, здравствени и работнички права пред институциите и општата јавност. Денес, бараме подобри и побезбедни услови за работа. Бараме подобро законско решение за сексуалната работа во земјата. Бараме декриминализација на сексуалната работа. Да го  одбележиме Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници, и во пренесувањето на пораките и барањата на заедницата на сексуални работници во Република Северна Македонија, информираат тие.