(Видео) Штип Сити Мол од денес нова дестинација за шопинг и рекреација – ММС
ММС

Објавено на: 12/10/22 5:13 PM

(Видео) Штип Сити Мол од денес нова дестинација за шопинг и рекреација

Странски и домашни брендови, ресторан, игротека, козметика, богати содржини, на едно место, во исто време, од денес достапно за штипјани и жителите од Источна Македонија.

И официјално отворен најголемиот шопинг центар во Штип и регионот, Штип Сити Мол.

Дека на штипјани им беше потребен еден ваков објект., покажа и реката од луѓе кои што денес присуствуваат на отварањето на трговскиот центар.

„Штип Сити Мол се простира на површина од 12.750 м/к со околу 30 брендови коишто ги отвараат широко вратите за посетителите. Денес овде има многу луѓе коишто со нетрпение очекуваат да влезат во објектот и ние сме пресреќни што гледаме толку народ,“ вели менаџерот Давор Кузманов.

Отварањето на овој мол го поздрави и штипскиот градоначалник Иван Јорданов.

„Навистина ми е драго што во центарот на истокот на Македонија се отвара најголемиот шопинг центар-Штип Сити Мол, кој ќе има можност да ги анимира не само нашите сограѓани туку и жителите од околните населени места и градови. Ние како добри домаќини ќе треба да се покажеме во најдобро светло. Дефинитивно ова е една од најголемите домашни инвестиции во поново време којашто ќе овозможи стотици нови вработувања и во една ваква финансиска криза ќе влијае и на генерирање на  растот и развојот на Штип и регионот,“ изјави Јорданов.

Новиот трговски центар на граѓаните, ќе им пружи квалитетно шопинг искуство по светски стандарди, место за забава и дружење, и ќе претставува вистинска регионална атракција и место за уживање на целото семејство.

„Штип Сити Мол како прв и единствен трговски центар од ваков тип во источна Македонија започна да се гради на 19 декември 2020 година. Еве денес за неполни две години, овој грандиозен објект е пуштен во употреба. Нудиме вработувања на околу 300 луѓе од источна Македонија, што значи оваа инвестиција е од големо значење како за Штип, така и за целиот источен регион,“ додаде Кузманов.

Штип Сити Мол најголема инвестиција од ваков вид во источна Македонија, се очекува да привлече најмалку 260.000 жители од регионот, но и купувачи од цела Македонија. Работното време ќе биде од 10-22 часот, а ќе работи и во недела.

Штип Сити Мол е лоциран е на една од најатрактивните точки во градот Штип, на самиот негов влез, заедно со хотелот и аква паркот, ќе ја збогати понудата на забавни и шопинг содржини, привлекувајќи огромен број на посетители од сите возрасти.

Штип Сити Мол е инвестиција на штипскиот бизнисмен Горан Јордев кој е еден од косопствениците на најголемата дрвопреработувачка компанија ДИК Фагус – Пехчево, компанија во сопственост на Пеком инженеринг, која 30 години  работи во Штип.