Не ја изземам Владата, ниту некоја од институциите, одговорноста за корупцијата е кај сите, рече Грковска – ММС
ММС

Објавено на: 12/10/22 12:29 PM

Не ја изземам Владата, ниту некоја од институциите, одговорноста за корупцијата е кај сите, рече Грковска

Тоа што го кажа американската амбасадорка Анџела Прајс Агелер, тоа во изминатите месеци сме го изјавувале сите ние кои сме сериозно загрижени за случувањата во нашата држава на тема борба против корупцијата и организираниот криминал, изјави вечерва Славица Грковска, вицепремиерка задолжена за спроведување политики за добро владеење.

-Јас на тоа би гледала повеќе двонасочно. Од една страна како поддршка и помош за разрешување на крупни коруптивни случаи, што е една од забелешките, а од друга страна и како критика и за моменталната состојба за степенот на корупција во нашата држава, рече Грковска во вечерашното интервју за „Топ тема“ на телевизија „Телма“.

Таа нагласи дека целокупната борба во државата, во делот на корупцијата, е обврска на сите.

-Јас не нè изземам нас како Влада од оваа ситуација, ниту пак изземам од одговорност некоја од институциите. Затоа што секоја од институциите има своја улога во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Меѓутоа, важно е да се разгледуваат поединечните капацитети, поединечните успеси и да се види која е најслабата алка и од која причина добиваме се поотворени оценки и дојдовме до степен да добиваме вакви отворени и без ракавици пораки од нашите меѓународни пријатели, вели Грковска.

За неа, најавената американска помош во борбата со корупцијата и организираниот криминал е добредојдена.

Вицепремиерката смета дека корупцијата не е рапидно порасната последните два месеци туку дека се работи за акумулирана состојба, но оти во минатото малку се говорело на таа тема за разлика од сега.

Во однос на изборот на шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Грковска рече дека изборот е законски, но дека она што неа како граѓанин ја поразува е немањето интегритет кај обвинителите да одлучуваат независно.

-Ние како Влада сме овозможиле предлог на закон којшто поминал во Собранието и со којшто се овозможило на тајно гласање обвинителите да го изберат првиот човек на обвинителството за организиран криминал. И ние се доведуваме во ситуација, се соочуваме со обвинители кои  се плашат, дека и покрај тоа што гласаат тајно некој може да дознае. Ако сакаме да имаме успех во борбата против корупцијата мора да направиме коалиција на луѓе со интегритет во сите области, во сите институции, рече Грковска.

Таа нагласи дека солидарноста внатре во фелата, во обвинителството, во судството, мора да престане пред се заради самите судиите и обвинителите.

-Повикувам на индивидуална одговорност, не прифаќам колективна одговорност. Ако сакаме подобрување на системот, на општеството во кое живееме мора да имаме индивидуална одговорност.  Ние имаме обврска да ги детектираме слабостите на системот, да обезбедиме решенија и да го направиме системот отпорен на корупција со луѓе со интегритет во сите сфери на општеството, рече Грковска.