“Бриши ги снимките бидејќи немаш право да снимаш” – ЗНМ реагира на однесувањето на полицијата на протестите – ММС
ММС

Објавено на: 12/8/22 4:35 PM

“Бриши ги снимките бидејќи немаш право да снимаш” – ЗНМ реагира на однесувањето на полицијата на протестите

На денешните протести во Скопје поврзани со блокадите на приватните превозници, полицијата грубо го прекрши правото на новинарите да снимаат и известуваат.

Според сведочењето на колешката Фазиле Халили од тв21 таа со својот мобилен телефон снимала дел од протестот каде полицајците влечеле една жена. Во тој момент еден од полицајците во униформа и пришол и и рекол дека не смее да прави видео запис. Со заканувачки тон и рекол веднаш да ја избрише снимката.

“Бриши ги снимките бидејќи немаш право да снимаш” рекол полицаецот, на што колешката му рекла дека е новинарка и дека не само што има право туку е и нејзина должност да ја информира јавноста. Но, полицаецот и рекол веднаш, тука пред него, да ја избрише снимката од сите албуми во телефонот, сакајќи да биде сигурен дека нема траги на ништо што е снимено.

-Вршење притисок за бришење и бришење на видео и фото материјали од страна на полицијата преставува директно прекршување на членот 16 од Уставот со кој се забранува цензурата и се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Со ваквото однесување полицијата ги спречува новинарите да известуваат за настанот и се става во улога на цензор кој решава што смее а што не смее да види македонската јавност. Протестите секогаш се настани од јавен интерес и јавноста има право да знае што се случува за време на протестите, дали има повредени, дали има уништување на јавен и приватен имот, но и дали евентуално полицијата ги пречекорила овластувањата и употребила прекумерна сила, информираат од ЗНМ.

Инцидентот ќе биде пријавен во Секторот за внатрешна контрола на МВР и ЗНМ очекува полиција да го расветли случајот, да ги открие одговорните и соодветно да ги казни, за да во иднина не се повтори ваквото неприфатливо однесување на полицијата.