Заврши Таксират со рекорд на посетеност од над 7000 публика – ММС
ММС

Објавено на: 12/8/22 1:07 PM

Заврши Таксират со рекорд на посетеност од над 7000 публика

Синоќа заврши маратонското издание на овогодинешниот Таксират – најголемиот музички фестивал во државава!

До раните утреински часови, во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје  се одржуваше главната вечер на фестивалот и тоа со осумчасовна програма и настапи на 12 музички ѕвезди пред повеќе од 7000 посетители од Македонија и сите соседни земји. Заедно со дополнителната офф-програма, ова, дваесет и четврто издание на Таксира го надмина сопствениот рекорд на посетеност и според првите проценки, кумулативно повеќе од 27.000 посетители уживаа во најдолговечниот и најголем македонски зимски музички настан.

Предизвикот да ја отворат главната фестивалска вечер и први да ја загреат атмосферата на главната бина годинава им припадна на едно од најзначајните имиња на македонскиот хип-хоп – Зад аголот,  потоа со енергичен настап и за прв пат во Македонија, својата висока репутација ја потврдија и ветераните на светската треш-метал сцена, гигантите СОДОМ кои прославија 40 години кариера. Следен беше атрактивниот настап на еуфоричниот каталонски ска-румба бенд Ла Пегатина кој дополнително го подигна расположението приредувајќи вистинска фешта на главната бина која пак од моментот кога стапнаа на сцена па до последниот такт од нивната изведба како танцов циркус се прелеа и на подиумот. Публиката имаше прилика за прв пат да се запознае во живо и со британската трап-џез сензација АЈ-ЕМ-ДИДИ-БИ. .

Во меѓувреме, исклучително весело и разиграно расположени беа посетителите и на втората бина „Трапсират“ каде што паралелно се одржуваа настапите на артистите од трап сцената кои ја импресионираа преполната мала сала во Арената. За најефоричен подиум и добрите денс движења на сите присутни тука се погрижија секогаш добро расположените: Јанг Дади, Баша, Хиљсон Мандела, Принцес Донатсу и Донплеја.

Арената беше веќе целосно исполнета во моментот кога на сцената застана најпопуларното инди-поп дуо во регионот – Буч Кесиди.  Од самиот почеток па сѐ до крајот на нивната фантастична изведба, Зоран и Лука со вистинска диско сценографија, ја маѓепсаа разиграната публика која едногласно ги пееше сите нивни најголеми хитови. Далеку од тивки, таксиратскиот подиум ечеше низ стиховите на „Tiho“, „Nema ljubavi u klubu“, „Euforija“, „Dzuskanje ne pomaze“.

Врвот на вечерта беше веднаш потоа под знамето на најголемиот симбол на берлинскиот техно-храм „Бергхаин“, врвниот продуцент и диџеј Бен Клок.  Тој го трансформира „Таксират“ во сосема друг универзум кој публиката без двоумење го прифати и целосно се препушти на ритамот кој повеќе од два часа го диктираше неговиот маестрален сет.

 

Завесата на осумчасовната журка на „Таксират“ ја спушти најпрепознатливиот претставник на македонската клупска сцена Нино Флудер, кој со идеален сет за крај на вечерта и со гласни овации на бројната публика ја продолжи вжештената атмосфера на подиумот до апсолутното заокружување на маратонскиот ТАКСИРАТ 2022.

„Пасворд Продакшн“ како организатор на фестивалот го затвори овогодишниот календар на настани и тоа докажувајќи дека дури и во зимските месеци Скопје може да стане препознатлив како дестинација за добра фестивалска забава.