Вечер на променада и емоции – Концерт на Зарина Првасевда во Битола – ММС
ММС

Објавено на: 12/7/22 11:25 AM

Вечер на променада и емоции – Концерт на Зарина Првасевда во Битола

На 17 овој месец, со почеток во 20 часот во Офицерскиот Дом во Битола, Зарина Првасевда ќе го оддржи својот концерт насловен како „ЕХО“ – заедно со својот ансамбл.

Концертот е склоп од 11 традиционални песни од Балканот, спакувани во нови аранжмани а отпеан на 5 јазика и тоа : Македонски, Албански, Турски, Српски и Бугарски.

-Да се пее во Битола пред битолчани е голема чест и задоволство, но се разбира и одговорност. Овојпат публиката ќе ја сретнеме во Офицерскиот дом во Битола, интимно и во ограничен број и за моја голема радост ќе ни биде блиску, сосема блиску, буквално ќе можеме да си го слушаме срцебиењето едни со други а тоа ќе ни биде ритамот кој ќе ни биде премин кон емотивното, таму каде не често имаме можност да се среќаваме. Ќе биде вечер на променада на емоции, претпразнично честење на душата со музичка прошетка низ различни култури, меѓусебно пружање рака некаде низ звуците и простор за игра на детето во нас во меѓупросторите на корените и ширината на светот, вели Зарина Првасевда.

Покрај песните од албумот “ЕХО” кој таа неодамна го издаде за издавачката куќа Кроација Рекордс, ќе се изведат и некои нови песни кои ќе бидат дел од нејзиниот нов албум.

Таа ќе настапи со нејзиниот ансамбл, во чиј состав се Ратко Даутовски – перскусии,  Пенче Кралев – бас,  Филип Димишковски – клавијатури,  Благојче Трајковски – кларинет,  Филип Михајловски – канон,  Тони Арлан – виолина. Концертот ќе биде камерен, а бројот на публиката е ограничен на 150.