Човештвото стана „оружје за масовно уништување“ и време е да ставиме крај на нашата „војна против природата“, порача генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш на свеченото отворање на КОП15 за биодиверзитетот.
„Со нашиот незаситен апетит за неконтролиран и нееднаков економски раст, човештвото стана оружје за масовно уништување“ на планетата, предупреди тој на почетокот на конференцијата во Монтреал, за која рече дека е „можност да се стави крај на оваа оргија на уништување“.
Откако дојде на функцијата генерален секретар на ОН во 2017 година, Гутереш ја стави борбата против климатските промени за еден од своите приоритети.
Гутереш зборуваше по канадскиот премиер Џастин Трудо, чиј настап беше прекинат со удирање на тапаните од десетици тамошни домородни претставници.
„Геноцид над автохтоните народи = екоцид“, „Ако сакате да ја зачувате биолошката разновидност, престанете да ги окупирате нашите земји“, пишуваше на транспарентот што го подигнаа на неколку минути, проследено со аплауз од дел од салата, по што беа мирно придружувани кон излезот.
КОП15 треба да се соочи со големи предизвици: на милион видови им се заканува исчезнување, една третина од копното е сериозно нарушено, плодната почва исчезнува и океаните брзо се пропаѓаат поради загадувањето и климатските промени.
Хемикалии, пластика и атмосферско загадување ги задушуваат земјиштето, водата и воздухот, а загревањето на планетата од согорувањето на фосилните горива предизвикува климатски хаос – со топлотни бранови, шумски пожари, суши и поплави.
Повеќе од 190 земји учествуваат од 7 до 19 декември на конференцијата COP15 за биолошка разновидност со цел да се постигне договор за природата за следниот десетгодишен период. Но, исходот од преговорите за дваесет цели кои треба да ги зачуваат екосистемите до 2030 година се уште е неизвесен.
– Денес не сме во хармонија со природата, напротив, свириме многу поинаква мелодија, а таа е „какофонија на хаос свирена на инструменти на уништување“, заклучи генералниот секретар на ОН.
МИА
Фото: Би-Би-Си