Сѐ е спремно за главниот настан на Таксират фестивал – ММС
ММС

Објавено на: 12/6/22 4:29 PM

Сѐ е спремно за главниот настан на Таксират фестивал

Утре (среда, 7 декември) во Скопје ќе се одржува главната вечер на Таксират со која официјално ќе биде затворено годинашното, 24-то издание на нашиот најголем зимски музички фестивал и тоа со осумчасовна концертна прослава и 12 музички изведувачи кои ќе настапат на две бини во Арената „Борис Трајковски“.

Влезот за посетителите ќе биде отворен во 19 часот, почетокот на програмата е во 20 часот.

Први на главната бина и задолжени за официјалното отворање на ова фестивалско финале ќе настапи групата „Зад аголот“, покрај нив, и тоа за прв пат во Македонија ќе имаме прилика да ги погледнеме и настапите на британската трап-џез сензација „АЈ-ЕМ-ДИДИ-БИ“ и легендата на светската треш-метал сцена, групата „Содом“ од Германија. Френетичната атмосфера годинава ни пристигнува со енергичните каталонци „Ла Пегатина“, додека пак најпопуларниот инди-поп тандем во регионов „Буч Кесиди“ доаѓа од Србија.

Полноќниот дел од програмата е резервирана за артистите од електронската музичка сцена и тоа најпрво настапот на еден од најценетите претставници од домашната клупска сцена, диџејот Нино Флудер. Карактеристичниот завршен термин и сетот за затворањето на целиот фестивал е резервиран за германскиот техно великан „Бен Клок“ .

На втората, „Трапсират“ бината, паралелно ќе се одвива програмата со најзвучните претставници од домашната и регионалната трап сцена, а во листата на изведувачи подготвени и оваа година да ја приредат најжешката атмосфера на „Таксират“ се запишуваат: Баша, Хиљсон Мандела, Јанг Дади, Принцес Донатсу и Донплеја.

Во моментов во претпродажба се достапни последните билети со супер-промо цена кои чинат 800 денари и кои ќе можат да се купат најдоцна до 19 часот утре, а потоа на фестивалските билетарници ќе почне да важи полната цена и билетите за „Таксират“ ќе чинат 1.000 денари.

Фото: Таксират