Во време на криза ги зголемивме платите на сите вработени – Отворено со Игор Давков, извршен директор на „Ист Гејт“ за справување со предизвиците – ММС
ММС

Објавено на: 12/6/22 12:00 PM

Во време на криза ги зголемивме платите на сите вработени – Отворено со Игор Давков, извршен директор на „Ист Гејт“ за справување со предизвиците

 

Најголемиот трговски центар во Македонија „Ист Гејт“  го прослави првиот роденден.

Помина една година од постоењето, кое е доволно време за да се покаже дали годината била успешно завршена, дали се на добар пат да бидат не само најголеми, туку и најпосетени, да станат центар, каде потрошувачите на едно место ќе можат да си ги завршат сите потреби, да направат шопинг, да си договараат состаноци и да се напијат кафе.

На оваа тема ММС разговараше отворено со Игор Давков, извршен директор на „Ист Гејт“ , кој во оваа компанија е од денот кога проектот бил сеуште на хартија па до денес, односно од 2017 година, уште пред да се купи земјиштето.

Стартувавте во ек на пандемија, а продолживте со криза. Како се справивте со овие не така лесни предизвици во бизнисот?

-Отворивме на крајот на 2021 година и првиот предизвик со кој се соочивме беа анти ковид мерките, што траеја до пролетта, а тоа секако влијаеше на вкупната посетеност во трговскиот центар. Оваа година, предизвикот пред се доаѓа од два моменти. Едниот е растечката инфлација и намалувањето на куповната моќ, кој според мене е главен фактор, а вториот, кој индирекно влијае на работењето на закупците,  е зголемените трошоци поврзани со порастот на цените на енергенсите, пред се во делот на транспортот.

Во 2022 година имавме фиксирана цена на струјата, па нашите закупци, благодарение на  договорот што го склучивме со компаниите за електрична енергија, се задоволни и можеме да се пофалиме дека плаќаме најниска цена на струјата. Случувањата со Украина дополнително ги компицираа работите, бидејќи  дел од нашите закупци беа насочени кон Украина и Русија, па дел од нив следејќи ги мерките на ЕУ ги запреа операциите и фокусот го насочија кон Централна и Источна Европа. Ова е значаен удар на брендовите, кој ќе влијае врз нивната финансиска стабилност. Тоа е уште еден предизвик во кој индирекно се соочуваме. Целиот тој притисок е врзан со неизвесноста околу цената на струјата, покачувањето на енергенсите на домакинствата, покачувањето на храната. Сето тоа има влијание врз потрошувачката и посетеноста во сите трговски центри, не само кај нас.

Оваа година 19 проценти е стапката на годишна инфлација, што значи сите ние изгубивме по 19 проценти од нашите приходи, односно од вредноста на средствата кои ги добиваме како надомест за нашата работа. Но, како одговорна компанија, во рамките на групацијата, она што го направивме за нашите вработени е што донесовме одлука за линеарно зголемување на платите на сите вработени, со цел да ги заштитиме и нив и нивните семејства.

Тоа е показател дека добро се справувате со проблемите, сепак, во вакви времиња на компаниите им е полесно да  отпуштат работници, отколку да им се покачи платата?

-Ние сме нов трговски центар и како нов секогаш првата година е бурна.  Тоа е како мало дете кога проодува, првите чекори се нестабилни. Ќе стане ќе падне, но со секое станување е се посигурно и посигурно. Секој нов исчекор е посигурен. Поминавме  една година во која условно кажано се запознававме со закупците, па се запознававме со луѓето во продажните салони, се запознававме со начинот на работа, бидејќи секоја компанија има своја технологија на работа. Ние како закуподавачи, кои што оперираат три трговски центри, два во Албанија, еден во Македонија, имаме одредени стандардни процедури кои се применуваат во двата. Ни беше потребен еден подолгорочен процес тие правила на однесување ги направиме како култура на однесување на нашите закупци. Тоа е едната страна на медаљата. Втората  страна е што се соочивме со големи процедури кои доаѓаат од глобалните компании, кои, пак,  имаат свои правила на однесување.

Како се справувате  со конкуренцијата?

-Задволни сме во делот на ивент менаџментот, поминавме редица настани.  Мислам дека имавме исклучителна година со доста настани се со цел да го анимираме трговскиот центар, да ја анимираме публиката, да покажеме дека како трговски ценатар сме различни од постоечката конкуренцијата. Тука ќе го споменам бумот што го направивме со концертот на „Дајте музика“. Имаше над 10.000 посетители, направивме концерт за паметење и нашите млади потрошувачи ќе го паметат долго време. Навистина сакам да им се заблагодарам.  Имавме експозиција со штрумфовите, а и на роботи, имавме и денови на италијанскиот дизајн, потоа имавме и денови на италијанската кујна, со пет готвачи од Палермо. Ја организиравме најголемата шарена трка до сега воопшто организирана, а која планираме да остане печат на „Ист Гејт“

Секоја конкуренција е здрава конкуренција. Нашите мерења покажуваат дека имаме конкуренција и на наша среќа конкуренцијата не дочека подготвена. Мислам дека влијаевме генерално на сите трговски центри да го подобрат нивото на услуги и да го подобрат начинот на работење. Зголемување на конкуренцијата на пазарот доведе до подигање на квалитетот на услугите што ги нудат трговските центри. Ние, како најголем трговски центар  ќе продолжиме да се трудиме да бидеме носечки и водечки субјект на пазарот, кој ќе ги наметнува тие нови стандарди на пазарот на трговски центри во Македонија.

Што е она по што се разликувавте и ќе се разликувате за да потрошувачите дојдат кај вас, а не во другите трговски центри?

-Па би се вратил назад на периодот кога овој трговски центар беше на хартија. Кога тргнавме да го проектираме имавме два предизвика. Да ја утврдиме големината и, покрај архитектурата,  миксот на закупци и понудата која ќе ја дадеме кон потрошувачите. Она што успеавме да го направиме, а  јас би рекол, доста успешно е  што направивме микс на закупци кој по ништо не се разликува од водечките трговски центри во регионот. Сите носечки брендови кои се присутни во опкружување на Македонија, се присутни и кај нас. За прв пат на пазарот имаме два глобални бренда како што е  LPP и  H&M. Дополнително го донесовме Индитекс и сметам дека сме единствените каде сите брендови на Индитекс ќе бидат присутни. Допплнително добро е што концептите на продажните салони на овие големи компании  во „Ист Гејт“ се сосема различни од другите трговски центри, форматите на продавниците се различни, трговската стока е различна, колекциите се различни. Бидејќи едно е да изложувате на 4.600 метри квадратни, а друго е на 1.200 метри квадратни. Изборот на трговската роба е многу подлабок, како модели и палета производи. Имаме над 220 бренда, кои му даваат можност на потрошувачот да ги задоволи сите свои потреби со едно доаѓање во него. Дополнително, она што ние го гледаме како предност е сервисниот дел, имаме се за едно семејство за многу кусо време ги заврши сите свои потреби и да им остане повеќе време за да уживаат…

Затоа ангажиравме две различни компании за пазарно истажување, со цел да ги видиме навиките на потрошувачите во однос на посетите. Резултатите генерално укажуваат дека фрекфенцијата на посети на македонските потрошувачи во трговските центри е многу ниска во споредба со трговските центри во другите метрополи. Од тука е и заклучокот дека  постои простор трговските центри да растат во промет и во посетеност.  Во насока на тоа ние и понатаму маркетиншки и деловно правиме одредени прилагодувања на нашето работење со потребите и пристапување на потрошувачите, да им кажеме дека задоволувањето на секојдневните потреби во трговските центри дава одредени предности во однос на квалитетот на нивниот живот, споредено со купување во локални продавници, барање различни работи на различни места. Секако дека навиките тешко се искоренуваат, ќе треба време, ќе треба период. Кон тоа се и нашите идни маркетинг активности, да го промовираме слоганот „Еден мол за се“, каде со едно доаѓање може да си ги задоволат своите потреби.

Направивте ли истражување кој повеќе троши- мажите или жените?

-За среќа кај нас има многу малку луѓе кои само шетаат. Нашите показатели укажуваат на тоа дека стапката на конверзија на потрошувачите измерено со бројот на фискални сметки изнесува повеќе од 85 проценти. Тоа значи дека купуваат. Кај нас просечната фискална сметка е 20 евра. Тоа покажува дека имаме наменско доаѓање и затоа ќе се насочиме кон дневните посети за дружење, за состаноци, за кафе. Наредната година ќе се пушти  првата фаза од Ист Гејт ливинг со 672 стана, имаме засилена градба во овој дел, и мислам дека за некои 2-3 години сликата ќе биде сосема поразлична во смисла на секојдневните потреби на  потрошувачите, пред се во делот на пиење кафе, излегување, состаноци, видување… Ќе бидам искрен кај нас тој дел е нешто послаб за разлика од другите трговски центри, кои се наоѓаат во поурбани средини, меѓутоа ќе работиме на промоција и на тој сегмент.  А секако дека повеќе трошат жените, бидејќи кај нас 52 проценти е мода и тој сегмент е доминантен. Секако дека жените се поголеми потрошувачи. Но,  живееме во едно модерно опшество каде и мажите почнаа да трошат, да внимаваат како се облекуваат, да внимаваат на изгледот. Затоа имаме фризерски салон за мажи, продавница за алати и машини, продавници за пури, брендови кои продаваат само машка мода и реално она што го гледаме дека и мажите подоста трошат, иако главни трошаџии се жените.

 

Кои се новините што планирате да ги воведете?

-Почнавме една нова стратегија каде буквално секој ден од неделата е наменет за нешто. Сега во понеделниците има посеби понуди за студенти. Нашите закупци имаат одредени поволни понуди за студентите. Вторник редовно имаме посебни понуди, тоа го имаме подолго време и дава резултати. Среда четврток и петок ќе биде посветен на здравје и убавина. Имаме дел кој се однесува на сервиси, перење, возила, набавка на одредени услуги. Ќе има и други, кои заедно со закупците преку макотрпна работа можеме на долг рок да донесеме резултати, пред се за бенефит и на закупците и на посетителите. Она на што ние полагаме како компанија и трговски центар е семејното излегување и се трудиме  да понудиме целодневна забава за целото семејство, секој да си го најде својот интерес и своето катче на потреби. Имаме доста продавници за деца, можеби најголемата продавница за играчки. Има и други сериозни продавници кои се однесуваат на децата. Имаме и масажа, третмани за убавина, стоматолог, а преговараме и за други несекојдневни потреби, каде на раат може да се пазарува без притоа да не се нервираат каде паркирале,  пратиле порака или не. Со законските измени минатата година маркетите работат и во недела, што е предност.

Во текот на оваа година направивте бум со H&M, има ли планови за нови брендови кои досега ги немало кај нас?

-Отворањето на H&M  дефинитивно даде печат на 2022 година. Имавме склучено договор уште пред отворањето, но глобалните компании имаат потреба од подолг период на подготовка. Работевме неколку години на носење овој бренд на нашиот пазар. Ни беше цел и го реализиравме. Успеавме низ долгорочен процес на преговори да го донесеме и направиме достапен за потошувачите од регионот, градовите кои гравитираат кон Скопје и резултатите се одлични. Не живееме во утопија дека нашите потрошувачи кога ќе отидат во Солун нема да пазарат таму од H&M , но е важно да се знае дека го има и во Скопје, за другите кои доаѓаат да го посетат градов. Преговараме и со други брендови, но за нив нема сега да зборувам. Секако дека на Скопје му недостасуваат одредени брендови.  „Ист Гејт“ е најголем трговски центар и веројатно во наредните 10тина години ќе биде така. Нашите планови се по оваа прва година, да работиме на нашето портфолио на закупци кое ќе одговара на потошувачите. А основа цел е да донесеме поинаков тип закупци, нешто ново на пазарот поради кое нашите потрошувачи одат надвор од државава . Цел ни е да го зголемиме дневниот проток на луѓе. Наш таргет е во наредните две години да дојдеме до 10 милиони посетители годишно, што од денешна перспектива е нешто сосема остварливо, имајќи ја во предвид посетеноста оваа година. Мислам дека можеме да го оствариме.

Кога зборуваме за изминатата година, по сите убави работи кои сте ги поминале, има и една неубава, а тоа е поплавата. Како се справивте?

-Поплавата се случи неочекувано, никој не можеше да го предвиди. Ние бевме погодени од последица на инфраструктурни проблеми што Градот и општините ги имаат во однос на одржување на инсталации. Она што го преземавме како трговски за да се заштити понатаму се двете технички решенија кои се пред имплементација, а тоа се заштитници на отврите на гаражните врати, па кога надоаѓа вода автоматски ги дига тие бариери. Се прават и неколку одводни канали кои ќе овозможат да протече дел од водите кои доаѓаат од улиците. Има две технички мерки кои се пред одобрување за да не ни се случуваат такви настани во иднина. „Ист Гејт“ покажа подготвеност во делот на заштита на посетителите и ние успеавме за нецели 10 минути да го евакуираме целиот трговски центар.

Пазарувате ли Вие во „Ист Гејт“?

-Да, јас исклучиво пазарувам тука.  Генерално како смеејство живееме скромно, но она што се потреби на мене, сопругата и синот, она што секојдневно ни е потребно го задоволуваме во „Ист Гејт“.  Од отворањето до денес 99 проценти од нашите потреби ги задоволуваме тука. Вообичаена рута после работа е да купам намирници за дома и да посетам уште неколку места. За делот на мода исто така, а одвреме навреме знам да отидам во теретаната. Кога станува збор за модата секако дека сопругата е поактивна, тука неа и давам предност.

Весна Миленковска

Фото: Вангел Тануровски