„Скопје не е приватна бавча или приватно царство“ – Сообраќајот ќе биде блокиран се додека не се најде решение – ММС
ММС

Објавено на: 12/5/22 11:57 AM

„Скопје не е приватна бавча или приватно царство“ – Сообраќајот ќе биде блокиран се додека не се најде решение

Блокадите на приватните превозници во Скопје продолжуваат сè додека не се седне на маса со градоначалничката Данела Арсовска и не се изнајде законски соодветно решение, информираше директорот на приватниот превозник „Слобода превоз“ Ленин Јовановски на денешната прес-конференција.

Јовановски најави дека е можно и одредено проширување на протестите. Очекува и останатите институции да се вклучат во наоѓање решение за овој проблем.

– Не може граѓаните да не критикуваат нас, треба да го критикуваат изворот на овој проблем, а тоа е кај градоначалничката која дозволи ова да се случи. Не смеат граѓаните да дозволат да имаат ваков градоначалник кој не се грижи за нивниот интерес, рече Јовановски.

Соопшти дека и до „Слобода превоз“ денеска е стигнато известување за раскинување на договорот со Град Скопје, а на прашањето од МИА дали има едногласност од страна на приватните превозници дека нема да се пријават на повикот, Јовановски одговори дека никој од нив не би се пријавил знаејќи дека  Градот веќе им должи пари.

– Дали овие превозници на кои веќе им се должи четири месеци ќе се пријават на некој оглас и повторно четири месеци ќе работат и финансираат во бизнисот, за повторно градоначалничката да каже дека не ги исплаќа и да ја тужат. Како може да има јавен повик и да очекува некој да се приклучи на нешто што таа нема намера да го плаќа, изјави Јовановски и додаде дека „е комотна во тој дел бидејќи нејзе финансиски не и влијае тоа и можеби нема да биде градоначалник кога ќе се реши проблемот“.

Заклучи дека приватните превозници одлучно остануваат на протест, ако е потребно ќе ги повикаат и своите деца со цел да допрат до градоначалничката и таа да види дека немаат да им обезбедат соодветен оброк за на училиште

– Не може граѓаните да се лутат и да бидат револтирани, бидејќи се загрозени основните човекови права и тоа од една личност која поради суета сака да се докаже пред граѓаните дека таа станала владетел на одредено царство, додаде Јовановски.

Откако не беше постигнат договор со градските власти за подмирување на долгот што Град Скопје го има кон приватните превозници тие од шест часот утрово повторно протестираат со блокирање на двете крстосници пред ТЦ „Мавровка“ и пред Црвен Крст, како и на бул. „Илинден“ во околината на Градското собрание.