Младен Чадиковски повторно е избран за претседател на Здружението на новинарите, кое ќе го води во наредните четири години.
За Младен гласале 275 медиумски работници, за Марјан гласале 119, Фиљана Кока има 53 гласа.
Чадиковски изјави дека пред се е среќен и задоволен што новинарите денеска се обединија.
– Денеска направивме еден собир, да речам, најголем во историјата на македонското новинарство, каде што повеќе од 450 новинари, сниматели, медиумски работници, дојдоа демократски на фер начин да си го искажат своето мислење за тоа каде треба да се движи новинарството понатаму. И особено сум среќен и задоволен што сите заедно и тие што учествуваа на ова Собрание, значи конкурентите, и УО сето она што ќе значи дел од органите на ЗНМ во иднина ќе продолжи да работи на принципите на професионалност, на правда, етика во новинарството, со намера да го засилиме и зголемиме потенцијалот на македонските новинари, сниматели и сите медиумски работници, изјави новоизбраниот претседател на ЗНМ.
Тој нагласи дека новинарите мораат да работат за граѓаните на начин што тоа ќе значи во основа да ги почитуваат сите оние стандарди и принципи.
– Меѓутоа и не само тоа, се разбира и понатаму да продолжиме со фокус на граѓаните на сето она што се нивни проблеми. Зошто, затоа што само така подобро ќе влијаеме за да ги подобориме состојбите во ова општество. Продолжуваме посилно, подобро да работиме во наредниот период, порача Чадиковски.
Додаде дека сите идеи од колегите, новинарите од медиумските работници се добредојдени. ЗНМ, подвлече, е отворено за сите, и ќе остане така и понатаму.
Над три часа денес траеше гласањето за избор на претседател и за нови членови на управните тела на Здружението.
Во трката за претседател на ЗНМ беа новинарите Младен Чадиковски, Фиљана Кока и Марјан Николовски.
ЗНМ е здружение на околу 1 000 професионални новинари, сниматели и фоторепортери. Основано е 1946 година.
Фото: Вангел Тануровски