Украдено и оштетено амбулантно возило во Кочани – јапонска донација – ММС
ММС

Објавено на: 12/3/22 12:50 PM

Украдено и оштетено амбулантно возило во Кочани – јапонска донација

Возило на Итната медицинска помош ноќеска било украдено од кругот на Општата болница со проширена дејност во Кочани. Неколку часа по настанот возилото, без видливи оштетувања, било пронајдено во близина на јавната здравствена установа, а настанот е пријавен во полиција.

-Веднаш откако вработените забележале дека возилото го нема, пријавиле во Полициската станица во Кочани, по што полициски службеници направиле увид и очекуваме да го откријат сторителот или сторителите. Се работи за постаро возило oд марката тојота, што Итната медицинска помош го користи само повремено и за кратки релации во градот или до блиските населени места. Веројатно се работи за млади лица кои на овој начин сакале да се забавуваат, а полициската истрага треба да покаже како тие влегле и го стартувале возилото, истакна Александар Серафимов, директор на Општата болница во Кочани.

Од СВР Штип соопштуваат дека вработен од болницата пријавил дека го нема возилото утрината во 03:40 часот. Полицијата веднаш постапила по пријавата и во 08:30 ч. возилото е пронајдено. Амбулантното возило е пронајдено на улица „Кирил и Методиј“ во Кочани, паркирано бетонски столб. Како што ни потврди портпаролката Гордана Панајотова, возилото е оштетено на десниот фар. Дали оштетувањето настанало при паркирањето или судирот со столбот било причина за застанувањето на местото, ќе го испитува полицијата. Крим службата веќе ги обработува трагите.

Службата за Итна медицинска помош во болницата во Кочани има уште неколку понови возила што се користат за транспорт на пациенти до Штип и Скопје, а едно од нив во март минатата година беше тешко оштетено во сообраќајна несреќа при судир на патот Кочани – Штип.

 

МИА/ММС

фото:glasno.mk