Чилиманов суспендиран од МИА по насилниот твит против новинарка – ММС
ММС

Објавено на: 10/3/18 2:24 PM

Чилиманов суспендиран од МИА по насилниот твит против новинарка

Новинарот на МИА, Цветин Чилиманов, доби суспензија до заседавањето на дисциплинската комисија, по повикот за насилство врз новинарката на Фајненшал тајмс, Валери Хопкинс. Од МИА потврдија дека за статусот на Чилиманов ќе заседава дисциплинска комисија, која ќе ги слушне и неговите аргументи.

Цветин Чилиманов на социјалната мрежа Твитер реагираше на пишувањето на новинарката на Фајненашл тајмс, која во Скопје го следеше референдумот. Хопкинс на Твитер прененсе дел од разговорот со таксист од Скопје, кој изнесува став дека Македонија е жртва, по што Чилиманов напиша:

„ До сите таксисти што ме следат, ако ви влезе оваа во кола, време е за чичко Кумплунг“. При тоа, Чилиманов ја користи репликата е од македонскиот филм „Самоуништување“, каде таксистот, кој е главен лик, ја носи на Водно девојката на неговиот син и ја силува.

Меѓу првите кој реагираше на пишувањето, беше актерот Јовица Михајловски, кој го толкува ликот на таксисот во филмот.

-Овој Цветин, што го бербати ликот и делото на чичко Кумплунг, да го потсетам дека Кумплунг заврши во инвалидска количка, токму поради сторените дела на кои сега повикува анажираниот Чилиманов, напиша Михајловски.

На новинарката Хопкинс денеска и’ се извини министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој напиша: „Ова не е тоа за што Македонија се залага“. Реагираше и ОБСЕ кој твитот на Чилиманов го оцени како засрамувачки и неприфатлив.

-Сите закани против новинарите, особено ако се базирани на родова основа се неодговорни, реагираше ОБСЕ кој побара Чилиманов да го избрише напишаното.

-Треба да се засрамиш Цветин, напиша американскиот амбасадор Џес Бејли, пренесувајќи ја реакцијата на ОБСЕ.

Се огласија и македонските новинарски здуженија

„ЗНМ, ССНМ и СЕММ оценуваат дека ваквите примитивни закани не се вперени само против колешката Хопкинс, туку кон целата новинарска заедница и имаат за цел да ги застрашуваат новинарите со цел да не ги опсервираат на критички начин политичките процеси. Заканите со силување на Хопкинс се одлика на тоталитарната свест од најцрните денови на европската историја, кое вклучува и користење насилство во справување со неистомислениците“, се вели во заедничкото соопштение.