Никој не смее да крене рака на дете – Совети за справување со врсничкото насилство – ММС
ММС

Објавено на: 12/3/22 10:21 AM

Никој не смее да крене рака на дете – Совети за справување со врсничкото насилство

Како родителите да препознаат дали нивното дете е жртва на врсничко насилство? Психологот Лиза Елиот за „Чекап њусрум“ (Checkup Newsroom) говори за сѐ почестите проблеми со насилството во училиштата.

– Родителите треба да разберат дека, со оглед на нашата култура, децата за жал, сѐ повеќе ќе се однесуваат насилно, бидејќи таквото однесување се обликува и од денешните содржини на телевизијата, интернет и социјалните мрежи. Пандемијата само го влоши проблемот со злоупотребата. Короната, изолацијата и зголемената употреба на социјалните медиуми дефинитивно имаа влијание врз тормозењето, а бројот на несакани настани ширум светот значително се зголеми, изјави д-р Елиот.

Како да препознаете дека детето е жртва на насилство?

Освен наставниците и професорите, според психологот, голема улога имаат и родителите кои можат да придонесат за намалување на стапката на врсничко насилство. Најчестите знаци се следниве: детето не сака да оди на училиште или често запаѓа во неволја за време на часот, одеднаш добива многу полоши оценки, престанува да зборува за врсниците и училишните активности, губи интерес за активности, се појавуваат т.н. нарушувања на сонот, повлекување и желба за осаменост, поплаки за болка или болест, избегнување контакт со очите, емоционални манифестации (тага, лутина, раздразливост, плашливост, нерасположеност, вознемиреност, агресија)… Натаму, кај детето може да дојде и до самоповредување. Тоа се заканува со насилство врз себе или кон другите, зборува за бегство или самоубиство, одеднаш престанува да користи компјутер или другите уреди на секојдневието…

– Ако ништо друго, родителите може да ги научат своите деца дека насилството не е в ред, а ако тоа им се случува ним – секогаш да го пријават, без разлика дали кај наставник, училиштен психолог или родител, истакна психологот.

Секоја од овие промени, појаснува стручњакот, е предупредувачки знак за да се реагира и да се открие вистинската причина за тоа необично однесување.

– Поттикнувањето емпатија мора да биде прв приоритет во воспитувањето на децата. Посочувањето на потребите и чувствата на другите луѓе ќе придонесе за целокупната среќа на детето, но и ќе му помогне да се справи со можното насилство. Родителите треба отворено да разговараат со своите деца за злоупотребувањето, поставувајќи прашања како „Дали некогаш те тормозат? Како се чувствуваш поради тоа?“… Или пак, да го прашате детето како би се чувствувало кога би доживеало само некакво насилство?, објаснува д-р Елиот.

Таа советува дека е важно родителот да го научи своето дете на сочувство и љубезност, бидејќи децата природно се раѓаат со одредена доза на емпатија.

– Тие не знаат да бидат злобни. Она што се менува со времето, се нештата на коишто децата се најмногу изложени и она што го гледаат кај луѓето околу нив, вели психологот.

МИА