(Видео) „Медот ќе го пробам со чајче“ – Германскиот претседател и се чудел на Атиџе како живеела без струја и вода – ММС
ММС

Објавено на: 11/30/22 5:51 PM

(Видео) „Медот ќе го пробам со чајче“ – Германскиот претседател и се чудел на Атиџе како живеела без струја и вода

Претседателот Стево Пендаровски и претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер денеска ја посетија Старата скопска чаршија.

Двајцата претседатели посетија работилница за филигран и се запознаа со начинот на изработка на уникатен накит, а каде неизоставен дел беа и експонати на македонскиот рубин.

Претседателите престојуваа и во Националната галерија Чифте Амам, каде што се сретнаа со Хатиџе Муратова и проследија инсерти од филмот „Медена Земја“.

Штајнмаер исто како и Атиџе бил голем љубител на пчелите, па и двајцата си размениле подароци. Тој на неа од неговиот мед, а таа нему од мед во саќе од Бекирлија.

Ја побаравме Атиџе, кој по средбата со претседателот веднаш си се вратила во Дорфулија. Атиџе за ММС рече дека е пресреќна што се запознала со претседателот и што ќе има можност да проба од неговиот мед.

 

-Не сум го пробала ама ќе го пробам со чајче. Се надевам дека е убав како мојот. Кога го изгледа филмот „Медена земја“ ме праша како можам  со голи раце тоа го правам. Ми рече и  браво за тоа што сум рекла „пола мене, пола тебе“,  тоа е најважно“. Претседателот ме праша и како живеам, дали сум задоволна од животот. Му реков дека сум задоволна. Дека фала му на Бога колку имам толку.

А што да правам, што да кажам? Најмногу се зачуди како е можно да живеам без струја и вода. Ама така живеев. Човек се навикнува. Кога се сретнавме ми кажа дека и тој бил голем љубител на пчелите и ми подари од неговиот мед. Тој ми даде цеден, а јас му дадов тегла мед во саќе, а на капакот има македонско знаме. Ме прашуваше и за дивите пчели, како ги наоѓам. Му реков дека тие сами ми доаѓаат, рече за ММС Атиџе.

Претседателот Стево Пендаровски е домаќин на претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, кој престојува во дводневна официјална посета на Република Северна Македонија.