Министерот за правда Никола Тупанчески денеска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со наводите дека синот на претседателот на Собранието, Талат Џафери положил правосуден испит пред да заврши факултет, истакна дека дефинитивно некој функционер го искористил дискреционото право, потенцирајќи дека доколку постојат случаи кои граничат со примената на законот, тогаш треба да реагираат надлежните институции.
– Доколку навистина постојат случаи коишто се граничат со примената на законот тогаш би требало да реагираат и другите институции. Целата состојба треба да се провери, како што дознав од медиумите, не се работи за еден случај, туку се работи за примена на дискреционо право на именуван функционер. Дефинитивно некој го искористил тоа дискреционо овластување и токму затоа од тие причини законот е изменет за да не постои никаква можност во иднина. Еве јас 10 месеци сум министер, не сум ни помислил да дадам некој предвремено да полага правосуден испит, истакна Тупанчески.
Тој образложи дека станува збор за три законски акти од Законот за правосуден испит донесен во 2013 година. Министерот информираше дека измените и дополнувањата се направени во 2015 година, а во 2019 година е донесен нов Закон за правосуден испит.
– Она што мене ми се допаѓа, што сметам дека е во ред и дека е логично е што некој констатирал дека постојат прешироки дискрециони овластувања и реагирал да не се остави таква можност во иднина. Мислам дека членот 4 беше од новиот Закон за правосуден испит, кој експлицитно забранува да се полага правосуден испит пред да бидат исполнети условите, односно предвремено. Така што значи во членот 4, став 5 има експлицитна забрана дека во иднина не би можело да се повтори она што се случило претходно, да речеме пред седум години. Во таа насока некој пред мене констатирал дека има таков пропуст и тоа го коригирал, тоа е работа на место, нагласи Тупанчески.
Претседателот на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски, за истиот случај, коментираше дека има строго пропишани законски норми коишто секој мора да ги почитува.
– Не постои шанса, не постои можност некој индивидуално да решава дали некој може да полага, односно да се стекне со право да полага правосуден или не. Значи пропишано е строго со закон како се полага. По завршување на правен факултет мора да стажирате една година, па да стекнете право да полагате правосуден испит, наведе Михајловски.
МИА