Цените на услугите на Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) во просек се зголемени за 25 до 30 проценти со стапувањето во сила на новите тарифници. Причина за поскапувањето е сублимирањето на услугите од петте тарифници во два, како и зголемените трошоци за електрична енергија и за одржување на катастарските ИКТ системи, информираше денеска на прес-конференција директорот на АКН, Борис Тунџев.
Тој ги отфрли како неточни тврдењата на претседателот на Комората на трговските друштва за геодетски работи Никола Рибаровски за „енормен раст на цените на катастарските услуги“ и посочи дека има зголемување за одредени производи, за одредени намалувања, а дел се останати на исто ниво. Воведен е нов оптимизиран модел со помал број ставки.
– Со новиот тарифен модел, поединечните цени на податоци од геодетско-катастарскиот информациски систем и надоместот за впишување во Катастарот на недвижности, не се енормно зголемени. Напротив, тоа се цени кои се на ниво на реално направените трошоци за нормално функционирање и одржување на електронските системи, кои се од исклучителна важност, рече Тунџев.
Доколку дојде до стабилизирање на енергетската криза, односно се намали цената на електричната енергија и другите фактори кои имаат влијание на трошоците, најавува дека Агенцијата ќе направи анализа и ќе излезе со свое видување во однос на потребата од корекција на цените на услугите.
За Тунџев се целосно неточни информаците што ги изнесе Рибароски минатата недела на прес-конференција дека услугите за добивање одредени податоци се поскапени за 100, 200, па и за 500 отсто, на товар на геодетските друштва, нотарите, адвокатите и граѓаните кои користат катастарски услуги.
-Точно е дека се направени корекции во тарифниците, но апсолутно кога во целост ќе ги земете сите ставки напротив кај поголем дел од ставките имаме намалување на цените. Се направи промена на методологијата на пресметување на надоместоците со тоа што од постоечките пет тарифници направивме два поедноставени. Во постоечките дел од надоместоците не беа реални. На пример за различни размери на геодетски планови имаше дијапазон на наплата од 900 до 3000 денари, но за да го издадете тој план трошоците се исти. Затоа направивме одредени поедноставувања на тарифникот за такви услуги кои беа од сличен или од ист карактер ги споивме во еден надомест, појасни Тунџев.
Информираше дека за издавање одредени податоци е воведен фиксен надомест кој порано го немало за одредени производи, како што се податоците од геодетско катастарскиот систем. Тоа е направено за да се покријат реално направените трошоци, кои за издавање, на пример, за геодетска точка биле во дијапазон од 33 до 600 денари. Фиксниот надомест во претходните тарифници изнесувал од 100 до 300 денари, а сега е пропишан на единствен износ во висина од 250 денари, од кои претставува и единствен надомест за одредени производи како што се имотен лист, лист за предбележување, евидентен лист, почисен лист…
Според Тунџев, дел од пропишаниот надомест за издавање на податоци од ГКИС, во висина од 16 до 20 проценти, оди во корист на професионалните корисници кои преку електронскиот шалтер издаваат одредени податоци од ГКИС.
За Тунџев се крајно несериозни и манипулативни тврдењата дека надоместоците за податоците од ГКИС ги плаќаат трговските друштва бидејќи, како што појасни, тие се наплатуваат од крајните корисници, како посебен износ за користење на податоци, коне доадден на износот и цената на услугите на приватните геодетски фирми, кои пак, наплаќаат согласно тарифникот за приватниот геодетски сектор. Кај некои од производите кои кои ги нуди Катастарот, тврди директорт, цената не е променета, а во новите тарифници Агенцијата направила и сериозни намалувања на одредени цени на услуги и продукти, како што е издавањето список на индикации на општините каде намалување е 60 проценти.
-Со примената на новиот модел на пресметување на цените на услугите за запишување во катастарпт на недвижности и податоците од ГКИС, на оние позиции и услуги кај кои има одредено зголемување на цените, тоа во просек се движи од 25 до 30 проценти. Тоа се всушност услуги од кои зависи и ефикасноста на работењето на системите во каатстарот. Важно е и тоа што е оптимизрана и поедноставена примената на постоечките пет тарифника во два нови. Од нив е извршено групирање на услугите и производите кои се од ист или сличен карактер, појасни Тунџев.
Определбата на Европската комисија и на сите идни чекори и стратешки планирања е институцијата да има отворени податоци кои нема да се наплаќат, но, како што појасни Тунџев, моментно нема таква законска можност. Со сегашниот закон е пропишано дека АКН ги наплаќа податоците што ги сервисира поради што планираните бесплатни услуги ги ставиле во минимална ставка, кај минималниот надомест од 250 денари. Во тек на декември до Владата ќе достават предлог за измени на законот со што ќе се отвори можност дел од кастастарските податоци да бидат отворени односно бесплатни.
Надоместот за имотниот лист, кој во 2009 година чинеше 125 денари, а во 2017 година 195 денари, сега е 250 денари. Од тие 250 денари 995-те правни субјекти во дистрибутивниот електронски катастарски систем (нотари, приватни геодетски компании, извршители, адвокати, општини) кога издаваат имотен лист кон АКН наплаќаат 210 денари, а 40 денари се на нивна сметка како професионални корисници за услугата за издавањето. Со оптимизирањето исто така се изедначени цените на хартиените и електронските услуги.
Со новите тарифници, за впишување катастарска парцела, за што во 2017 година се плаќало 150 денари, сега услугата чини 240 денари. Поголем дел од цените, тврди Тунџев, се вратени на ниво од 2017 година кога беше направено намалување на цените од 30 до 90 проценти особено кај инфраструктурните објекти. За предбележување кое исто така се наплаќаше по метар квадратен е ставен фиксен надомест од 500 денари за сите инфраструктурни објекти без разлика на должината. За предбележувањето во зграда надоместот е зголемен од пет на шест денари. Надоместот за запишување хипотека, пак, останува на исто ниво.
Директорот на АКН ги отфрли како неточни тврдењата на Рибароски и дека долг период Управниот одбор долг период одбива да им одобри новиот тарифник на Комората за корекција на цените иако фелата се соочува со зголемени трошоци подолго време. Комората, како што вели Тунџев, не постапувала по укажувањата за корекција на тарифникот во согласност со постојната методологија.
На средбата за новинарите на Тунџев сакаше да присуствува и претседателот на Комората Рибароски, но не му беше дозволено со образложение дека настанот е за информирање на медиумите, а тој може дополнително да побара прием за разговор.