(видео) Протестите во Турско Рудари не сменија ништо – мини хидроцентралата подготвена за производство на енергија – ММС
ММС

Објавено на: 11/29/22 1:31 PM

(видео) Протестите во Турско Рудари не сменија ништо – мини хидроцентралата подготвена за производство на енергија

Во подножјето на заштитеното подрачје на Осоговските планини, на само седум километри од туристичкиот центар Пониква е селото Турско Рудари, низ кое поминува планирано поврзување на општините Кочани со Пробиштип. Пошироката јавност за селото дозна по протестите за изградба на мини хидроцентрала на Шталковичка река. Жителите реагираа дека централата ќе ги остави без редовно снабдување со вода за пиење и наводнување на имотите од кои живеат. Две година подоцна, мини-хидроцентралата е целосно готова, додека жителите велат дека останаа со суви ниви откако е уништен системот за наводнување. Видеото е приказ на состојбата на терен.

Меѓу повозрасните, кои останаа на своите имоти е и пензионерот Мите Јовановски, кој не’ однесе на својот насад со вишни, од кој во најдобрите години, успевал да набере и по три тони органско овошје.

-После третата година почнав да берам. Првата година набрав 800 килограми, потоа 1200, 1800, потоа два тони, па три, оти како што растат така даваат повеќе род. Кога дојдоа да ја прават хидроцентралата ни ги срушија вадите, не лажеа дека ќе направат одводи и ќе ни пуштат вода, но не ни направија ништо. Една година се мачев и се расправав со нив, тие ископаат, јас донесам цевка и пуштам вода, сега тие ископаа скоро два метри и кога ќе ја пуштат водата потонува и не стигнува до мојата цевка. Со туби ги вадам дрвцата што ми се послаби. Ова ми беше чисто за мене, за ќеф работев, веди Мите Јовановски.

Проблемот се јавил со реконструкцијата на селскиот пат по налог на инвеститорот на мини хидроцентралата, кога дел од камењата завршиле во бавчите и нивите, а дел од нивите останале недостапни за сопствениците. Друг проблем е што при проширувањето на патот, била растурена  вадата, преку која по природен пат дотекувала водата до нивите. Трасата по која течела водата, во еден дел е поместена на подножјето на карпите покрај патот, за што дури се прицврстени железни додатоци.

-Сите млади од 25 па нагоре избегаа, кој во Италија, кој во Германија, кој каде се снајде. Овој човек повеќе не се враќа, работи во Италија бере јаболка, вика ако берам два месеци ќе извадам толку пари. Ама ако му е нивата, нема да оди. Парите ќе си ги вади тука, ќе си биде со фамилијата. Инаку јас работев во државно, си имав пари, ова ни беше хоби и гордост, рече Јовановски


Овој импровизиран систем, како што раскажува Делчо Ѓеоргиев, им останал уште од Турско. Пред 5-6 години, по еден силен дожд, вадата била уништена, по што жителите на селото секој од свој џеб издвоил меѓу 50  и 100 евра, платиле фирма која ја извела поправката.

-Мака мачевме и наводнуваме и продававме, а сега не можеме да произведеме за нас. Прво градоначалникот требаше да го праша селото дали ќе дозволи, па ние немаме вода. Нека ни стават цевки или што сакаат, нека пуштат и два дена, ние ќе наводнуваме таа вода ќе дојде, а сега не можеме, водата никогаш не доаѓа, вели Делчо Ѓоргиев, жител на Турско Рудари.

Мите Јованоски вели дека жителите немаат ништо против хидроцентралата да работи, но сакаат да им се врати можноста да ги наводнуваат своите ниви, како што се обврзал инвеститорот ДИС енергија.

-Ако ни ја вратат вадата многу лесно се обновува, ама без вода ништо не може. Хидроцентралата не ни пречи, гордост е да ја направат, ама да имаме и ние вода, а не штета од нив. Тие ни ги затрупаа нивите, бавчите, ни ги наполнија со камења, патишта не ни оставија до нивите, вели Јовановски.

Од ДИС енергија објаснуваат дека пречката да постапат по барањето на жителите е административна.

-Во врска со цревото за наводнување (или како што ја нарекуваат вада) на почетокот се разговараше да се постави, но да достават од Месна заедница предлог договор кој требаше да се потпише (до ден денес до нас таков договор не е пристигнат на наша адреса). По пријава од жителите  на терен излезе инспектор за вода и утврди дека на терен се е во ред и според закон и според водостопанска дозвола и концесиски договор, одговори Влатко Тоневски од ДИС енергија.

Во однос на штетите со имотите, ДИС енергија тврди дека се надоместени во договор со жителите.

-На неколку локации компанијата изведувач имаше направено незначителна штета која на мое барање и со мое посредство беше завршена со спогодби и исплата на штета на сопствениците. За тоа имаме и соодветна документација и докази за исплата на штета. Доколку има некој кој има претрпено штета слободно може да не контактира и да излеземе на лице место да се утврди да се отстрани и да се надомести штетата, одговара Тоневски.

На терен се забележуваат трагите од работата на механизацијата. Комплексот со градежните објекти е завршен, што го потврдуваат и од компанијата. Од таму соопштуваат дека централата е предвидено да не работи 2 месеца во летниот период и тогаш целото количество ќе биде на располагање на локалното население, а биолошкиот минимум кој е наведен во концесискиот договор и во водостопанската дозвола ќе биде испочитуван.

Меѓутоа, за жителите проблем е начинот на кој се изгради мини хидро-централата. Јаким Јовановски, кој заедно со своите соселани излезе на протестите, реагира дека постапката за централата почнала во 2020 година, додека за изградбата разбрале во 2020 година. Кога почнале со протестите и побарале одговори од институциите, веќе се’ било завршено. Компанијата ги имала сите документи, а го добила и тој од општината за почеток на градба. Побарале и одржале состанок во владата за конкретни чекори.

-Издадени се сите потребни документи од страна на Министерството за животна средина и останатите институции. Прифативме да остане да се гради, да не се плаќаат казнени поени од државата. Бевме прво во министерството на средба, па во влада бевме примени со претставници од месната заедница, инвеститорот и од министерството и владата. Се договоривме, направивме записник да ги надминеме проблемите кои беа настанати дотогаш. Во записникот стои дека ќе ни остават едно Ф70 црево за наводнување на земјоделските површини на кои произведувавме земјоделски култури и тутун квалитетен се произведуваше. Од тоа ништо не е направено, од која причина не знам. Секаде е влезено во записник, но инвеститорот не направи ништо сега се повлечени и машините и ги нема. Ова не е фер кон граѓаните, испаѓа дека ги штитиме бизнис секторот и олигарсите кои ќе печалат пари, изјави Јаким Јовановски.

Жителите се сомневаат во исправноста на документите со кои течела градбата на хидроцентралата. Како најиндикативен го посочуваат документот кој ни го дадоа на увид, со кој се потврдува дека нема подземни и надземни инсталации, како услов за добивање на дозвола. Иако селото е во реонот на општина Пробиштип, мислењето е издадено од ЈП „Исар“, кое навистина нема никакви инсталации во Турско Рудари, бидејќи претпријатието работи во Општина Штип, и нема врска со Пробиштип.

-Машините се повлечени, инвеститорите се повлечени, а нас ни ги оставија нивите така да ни стојат. Го растурија системот што си го имавме од реката обичен и вадите и сега не можеме водата да ја донесеме до нивите. Тие си зедоа обврска да го вратат патот во првобитна состојба, но патот се уште не е во добра состојба. Пола пат е нивниот цевковод и затрупан е со земја, по него не се вози, реката ни е пресушена и нема вода, така што остануваме без земјоделско производство кое со векови го користевме. Пет века Турците произведувале тутун, грав, компир, нашите дедовци и татковци, а сега нас ќе не остават без вода за наводнување , дециден е Јовановски.

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов, кој во своите први изјави кажуваше дека општината е на страна на жителите, сепак на крај наложил да се издаде градежната дозвола.

-Тоа беше период од некои седум-осум месеци и сите можни чекори за да не се дозволи изградба на МХЦ ги презедовме и на крај бевме доведени во ситуација да треба огромни износи да плаќаме и се соочивме и со тужби од инвеститорот. Во два наврати на крај ни беше кажано дека мора да постапиме, изјави Драган Анастасовски  – градоначалник на Пробиштип.

Хидроцентралата е изградена, иако не е целосно функционална и се очекува наскоро да проработи. Жителите во писмо до владата бараат заштита на 50 домаќинства и на реката, а водата да им остане за пиење и наводнување за да произведуваат храна за егзистенција. Очекуваат владата да го раскине договорот, а Министерството за животна средина и просторно планирање да ја поништи дозволата за користење на водата. Во Петицијата против изградбата на мини хидроцентралата се потпишани 104 граѓани, кои аргументите за одземање на дозволата на мини хидроцентралата го засновуваат на тоа дека при добивањето на дозволите, приватните ниви се прикажани како државни, проектантската куќа користи незаконски прописи за да ги добие дозволите. Друг проблем е, како што се наведува во петицијата, е дека ќе се уништи живиот свет, а можно е и уништување на селскиот водовод, кој го изградиле селаните пред 30 години. Жителите ги повикуваат инспекторите од Државниот инспекторат за животна средина и да ги констатираат штетите. Од ДИЖС појаснуваат дека извршен е вонреден надзор, меѓутоа, не нашле ништо надвор од издадената дозвола.

-Инвеститорот ДИС ЕНЕРГИЈА ДОО Скопје, зафатот, цевководот и машинската зграда на хидроцентралата, со придружните објекти ги гради согласно  издадената од Министерството за животна средина и просторно планирање, Дозвола бр.УП1-11/5-908/2017 од 23.02.2018г. Одобрение за градба, издадено од Општина Пробиштип со арх.број УП1 Бр.10-43 од 30.11.2020 год. кое е правосилно од 15.12.2020 год. и  Основен проект за МХЕ Шталковска со реф. бр.364, книга 1 зафат, книга 2 цевковод, книга 3 машинска зграда, со тех.бр.ОСН 0154, изработен од Аквават ДООЕЛ Скопје со деловоден бр.04-23/2017. Градежните работи околу машинската зграда се завршени, истате е веќе изградена и опремата е вградена. Останато е да се заврши одводната вада и отворениот канал од каде искористената вода после турбината ќе се враќа во реката Шталковска. Цевководот кој е   со вкупна должина од 2540 м. се гради согласно  Основен проект за МХЕ Шталковска со реф. бр.364, книга 2 цевковод. Останати се уште 350 метри за ископ и монтажа за целосно да се заврши. Се работи и на испустите во река согласно проектот. На трасата по која е веќе извршен ископот и се монтирани цевките од цевководот се врши машинско израмнување на теренот, соопштија од ДИЖС.

Во подолгиот одговор, Инспекторатот појаснува дека сите изведени работи се согласно Основниот проект на МХЕ, што го констатира и инспекторот кога отишол на терен.

-Не се констатирани значајни промени во речното корито на река Шталковска при извршување на градежните работи за изградба на зафатната градба со придружните објекти. Водата во реката е чиста и нема заматување на истата како резултат од градежните активности кои се изведуваат при   изградба на  зафатот со придружните објекти. Паралелно со трасата на цевководот се работи и на пристапниот пат кој води до зафатната градба, а кој го користи и околното локално население. По завршување со градежните активности инвеститорот треба патот да го доведе во состојба да може истиот да се користи и биди во возна состојба, пишува во одговорот од ДЖСИ.

Жителите на Турско Рудари побарале и добиле помош од Македонското здружението на млади правници во доставување на барањата и комуникацијата со институциите. Проблемот, според Бојан Трпевски од ова здружение во законските ограничувања за учество на јавноста.

-Пред се’ би рекол дека вакви ограничувања има во Законот за животна средина во делот за одобрување на елаборатите за животна средина, но има и определени проблеми во Законот за води кои се надеваме дека ќе се надминат со најавените измени на законот кои се во тек на изработка и се надеваме дека повторно ќе бидат ставени на јавна расправа, доколку има определени измени во однос на тоа што досега беше изготвено како предлог. Ние досега како здружение со помош на граѓански организации и еколошки активисти сме учествувале во поднесување иницијативи до надлежните министерства, а досега имаме одговор само за еден исход од ваквите иницијативи вели Бојан Трпевски, Македонско здружение на млади правници

Се’ е според законот и прописите. Реченица што стана позната од некои други времиња, но тоа е одговорот на институциите до жителите на Турско Рудари. Жителите се повикуваат на едно друго правило, дека при давањето на водното право, треба да се почитува прво правото на вода за пиење на населението и животните, па да се обезбеди вода за наводнување и на крај за  стопанисување. Во овој случај се прескокнати првите две. Меѓутоа, проблем е што водното право не е кај жителите, туку со документ е кај инвеститорот на хидроцентралата. Жителите сметале дека тоа водно право природно им припаѓа.

-Бевме на состаноци во министерства, влада, општина и никој не ни кажа дека треба да побараме водно право, реагираат жителите.

Турско Рудари зависи од издашноста на Шталковичка река, но и од инвестицијата на ДИС енергија. Хидроцентралата според договорот, нема да работи два месеци во годината во летниот период, кога водостојот на реката е најнизок. Од ДИС енергија велат дека оваа централа е во сопственост на државата, а тие имаа концесија за користење на 20 години и кога се доделувала концесијата е направена анализа според која има доволно вода.

-Ќе се обидеме да најдеме заедничко решение со локалното население, ветија од ДИС енергија.
В.К.

Видеото е дел од проектот ,,Иновативни решенија за зелен Исток“ што го спроведува „Медиа Плус“, финансиран од Фондацијата Отворено Општество-Македонија.
Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено Општество-Македонија.