ЕСМ Продажба ги испрати по пошта договорите за снабдување по субвенционирана цена до речиси сите јавни основни и средни училишта кои поднесоа пријави и кои ги исполнуваа условите, а за чии броила ЕВН Дистрибуција одобри снабдување.
-Тече испраќањето на договорите и на правните субјекти од прехранбената индустија, и истото за оваа категорија ќе биде завршено до крајот на утрешниот ден. Најмал број пријавени субјекти произлегуваат од водостопанската дејност, кои исто така ќе ги добијат договорите. Субјектите за кои Дистрибуција не одобува снабдување на нивните броила или на дел од нивните броила, се известуваат телефонски од страна на ЕСМ Продажба, со цел субјектите да преземат мерки во однос на причините утврдени од Дистрибуција, а кои се пречка за истото. Напоменуваме дека бројот на таквите случаи е мал, се вели во информацијата од ЕСМ.
Од ЕСМ Продажба нагласуваат дека сите субјекти пријавени за дополнително снабдување по одлуката на Владата, а кои ги исполнуваат условите и чии броила се одобрени од Дистрибуција, ќе бидат снабдувани од ЕСМ Продажба од 1.12.2022г. без оглед дали до тој датум ќе им пристигнат договорите по пошта, или истите ќе им пристигнат по наведениот датум.
-Субјектите се веќе ставени во системот на ЕСМ Продажба и треба да ги прават своите пресметки за производниот и работниот процес врз основа на новата цена на електричната енергија која ќе ја плаќаат, а тое е 80 е/MWh за прехранбената индустрија за основните производи, и 95 е/MWh за училиштата и водостопанствата. Од 1.1.2023г на субвенционирано снабдување ќе бидат приклучени сите субјекти кои дополнително ќе се пријават во следниот период, како и тие кои при првото пријавување немале комплетни документи и кои истите ќе ги комплетираат, информираат од ЕСМ.