Уметноста е оставена на милост и немилост на луѓето кои ја водат културата во државата, велат двајца од главните актери во филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски. Актерката Сара Климовска која ја глуми девојката со попреченост Доста и Филип Трајковиќ во улогата на Методи, во емисијата „Стадион“ на Канал 77 покрај за филмот „Кајмак“, зборуваа и за уметноста во земјава, за разликите меѓу филмот и театарот, но и за нивните кариери.
– Многу се тажни условите кај нас. Од една страна е добро кога уметникот се конфронтира со некои пречки, но кога тоа е на секој чекор и кога се некако те уназадува во општеството, немаш средства, пристап кон нешто, тоа ти ја утепува желбата и уметноста станува нерелевантна, вели Климовска.
Трајковиќ, пак ,вели дека тоа од друга страна може да биде мотив да се борат за подобри услови. Тој зборуваше и за тоа колку претставува проблем што политиката и партиите се влезени во секоја сфера на општеството.
– Кај нас владее класично раздели па владеј, поделени сме по сите можни начини. Сега во театар не работам затоа што ги скратија сите проекти, има начини како да се штеди струјата и слично, па играме претстави кои ги имаме на репертоарот досега, вели Трајковиќ.