Граѓаните вечерва преку протест ќе побараат поголема сообраќајна безбедност во Скопје – ММС
ММС

Објавено на: 10/3/18 7:20 AM

Граѓаните вечерва преку протест ќе побараат поголема сообраќајна безбедност во Скопје

Стоп на дивеењето по улиците и булеварите – ова е мотото под кое денеска граѓаните во Скопје ќе протестираат со цел за поголема безбедност во сообраќајот. Во периодот од 18 до 20 часот булеварот пред републичкото Собрание ќе биде блокиран за сообраќај, бидејќи од таму активистите ќе им порачаат на народните избраници дека треба да ги заштитат од сообраќајните учесници кои ги прекршуваат правилата. Активистот Борис Каески, кој е дел и од таканаречената Критична маса – Враќање на количките по тротоарите апелира за поголема свест и кај самите возачи:

„Нема да кажам додека да биде доцна, бидејќи веќе е доцна. Гинат луѓе по улиците, особено навечер кога нема контроли од полиција. Мора да  се собереме и да го изразиме нашето барање дека реагираме и сакаме да се средат работите, да се санкционираат тие кои земаат други луѓе на своја душа, но реално ретко се задоволителни казните. Не барам полицијата или судовите да ги казнуваат тие луѓе, туку воопшто самите возачи да се свестат и да не дивеат по улиците“.

„Настанот е пред Собрание бидејќи сметаме дека ќе може Владата да изврши притисок врз надлежното министерството, кое според своите ингеренции ќе може да влијае на сообраќајната култура – преку Министерство за транспорт и врски и МВР  кои треба да се поприсутни на улиците, особено навечер. Се уште не е завршена сезоната за моторџиите. Навечер е послаба видливоста, па пешакот не може да процени дали е безбедно за него да помине. Крајната точка на толеранција ја премина загинувањето на бабата. Јас сум самиот родител и сега кога зборувам имам кнедла во грлото, не можам ни да замислам тоа да се случи на моето дете“, додава Каески.

Минатата недела пак, граѓанската иницијатива „На точак“ побара безбедни зони околу училиштата, за да не се случуваат сообраќајни незгоди во кои страдаат и најмалите. Од Град Скопје и МВР тврдат дека  во континуитет работат на зголемување на безбедноста за сите учесници во сообраќајот. Град Скопје постави дигитални мерачи на брзината во близина на пет средни училишта, три дена откако во сообраќајна несреќа животот го загуби шеесет и едногодишна жена, а нејзината тригодишна внука беше тешко повредена.

 

Вања Мицевска