Македонија стана членка на Глобалниот форум за кибер експертиза – ММС
ММС

Објавено на: 11/25/22 11:13 AM

Македонија стана членка на Глобалниот форум за кибер експертиза

На иницијатива на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, Северна Македонија стана 103-та членка на Глобалниот форум за кибер експертиза (ГФЦЕ), во која членуваат и соработуваат владите на најразвиените земји во светот на темата кибер безбедност, организации како ОБСЕ, Светска банка, Обединети нации, Европската Унија, Совет на Европа, Интерпол и многу други, како и стопански комори и приватни компании кои работат на оваа тема, информира владината прес-служба.

Владата со сите министерства и институции кои се посветени на оваа област, во рамките на ГФЦЕ работат на четири теми – политики и стратегии, менаџмент на инциденти и заштита на инфраструктурата од кибер напади, кибер криминал, кибер култура и градење капацитети.

– Преку ГФЦЕ ќе се работи на зголемување на меѓународната соработка и координација на Владата и организациите кои даваат поддршка и работат на кибер темата во Северна Македонија, за што ГФЦЕ има изработено платформа за мониторинг и координација на проектите и активностите, велат од Владата.

Кибер безбедноста, нагласуваат, е клучен елемент во одбраната на секоја држава.

– Од исклучително значење за Република Северна Македонија е зајакнување на кибер безбедноста и кибер отпорноста и заедно со меѓународните партнери ќе продолжиме силно да работиме и да се развиваме на оваа тема, за да ги достигнеме ЕУ стандардите на кибер безбедно општество, штитејќи ги граѓаните и државните системи од кибер напади, се вели во денешното соопштение од Владата.