Жени кои го обвинија Џефри Епстин за сексуална злоупотреба, поднесоа тужби и против „Џ.П. Морган Чејс“ (JP Morgan Chase) и „Дојче банк“ (Deutsche Bank).
Во обвинението на двете тужителки, се вели дека компаниите имале корист и заработиле од сексуалната трговија на Епстин.
– Епстин и неговиот круг на луѓе не можеа да извршат насилство врз жртвите без помош на богати поединци и финансиски институции. Нема да престанеме со борбата за жртвите, сѐ додека сите кои биле вклучени (во злоупотребите, б.п.), не ја преземат одговорноста. Ова е голем чекор, но не и крај… Дојде време да се повикаат на одговорност оние кои ги овозможија злоупотребите, особено богатите пријатели на Епстин и финансиските институции што одиграа клучна улога, изјави еден од адвокатите на двете жртви, Бредли Едвардс.
За потсетување, милијардерот си го одзеде животот во затворска ќелија додека го чекаше судењето по обвинение за сексуална трговија со малолетници. Тужбите против банките беа поднесени вчера во Њујорк, САД, а во нив беше побарана финансиски надомест.
Според тужбата против „Џ.П.“, неименуваната жена била злоставувана од Епстин и неговите соработници во времето 2006 – 2013 година. Се наведува дека банката знаела дека сметките се користат за трговија со луѓе поради идентитетот на лицата кои подигнале големи суми пари, како и „добро документираната криминална историја“ на Епстин.
Дојче банк претходно призна дека направила „голема грешка“ со работата со Епстин. Но, гласноговорникот на банката вчера изјави дека смета оти тврдењата во тужбата се неосновани и дека аргументите за ова ќе ги изнесат на суд.
МИА
Фото: Принтсрин Јутјуб