Владата наместо Град Скопје би ги градела пречистителната станица, автобуското метро и другите капитални проекти – ММС
ММС

Објавено на: 11/21/22 6:42 PM

Владата наместо Град Скопје би ги градела пречистителната станица, автобуското метро и другите капитални проекти

Метаморфозис

 

Владин тим работи во рамките на своите надлежности за да ги доврши започнатите капитални проекти во Градот Скопје, информираше премиерот Димитар Ковачевски. Тој најави дека Владата ќе ги преземе ингеренциите од скопската градоначалничка Данела Арсовска за реконструкцијата на Универзалната сала, но и за пречистителната станица за отпадни води, брзиот автобуски систем, клучката кај Момин поток, патот за Визбегово и кружните текови што треба да се градат на влезот и излезот од тунелот под комплексот „Лимак“ во центарот на Скопје.

„Сите големи проекти во Скопје кои се започнати и кои што им се потребни на скопјани, но и на сите други градови, Владата во рамки на своите надлежности ќе направи сè за да може да ги доврши. Во тој дух беше и посетата на министерот за локална самоуправа, министерката за култура на Градот Скопје на која што мислам дека сме до пред договор за преземање на ингеренциите за Универзална сала за тој објект да може да биде завршен“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Тој за изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Скопје рече дека е голем започнат проект во главниот град, за кој Ковачевски оцени дека бил камен на сопнување за она што се случи во Град Скопје, бидејќи очигледно дека се обвинуваат за поделба на провизии меѓу себе членовите на ВМРО-ДПМНЕ и нивните претставници во Градот Скопје.

„Потоа имаме брз автобуски превоз во Скопје кој е одобрен проект со финансирање од меѓународни институции и кој едноставно не се реализира. Погледнете ја клучката кај Момин поток, огромен проект кој е во застој, патот до Визбегово, тоа е една исклучително важна сообраќајница која треба да ја поврзе индустриската зона Визбегово е исто така нешто што треба да се направи. Подвозникот кај зградите на ‘Лимак’ е скоро готов меѓутоа обврска на Градот Скопје е да ги направи кружните текови кај Нова Македонија, ни милиметар од тоа не е направено. Јас работам со владиниот тим за да ги видиме можностите и да преземеме дел од тие активности да бидат направени, заради скопјани, не заради политика“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Инаку, во изминатиов проект имаше мноштво препукувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ, градоначалничката Данела Арсовска, државната власт и советничките групи во скопскиот градски совет околу реализацијата на капиталните проекти во главниот град.

Рушењето на постојниот објект на Универзална сала во Скопје започна кон крајот на летото 2021 година, откако Градот Скопје ѝ префрли на владата финансиски средства за обнова на оваа концертна сала во центарот на Скопје. Сепак, на терен изминативе месеци ништо не се случува, а полуотвореното здание кое изведувачот почна да го руши остана да чека продолжение на изградбата.

ПОЧНА РУШЕЊЕТО НА ПОСТОЈНИОТ ОБЈЕКТ НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА [ГАЛЕРИЈА]

Тендерот пак за пречистителната станица за отпадни води што треба да се гради во близина на скопското село Трубарево беше објавен уште во летото 2020 година. Целокупната тендерска постапка за изградба на капиталниот инфраструктурен објект од 136 милиони евра се влече речиси две и пол години, а изминатава есен околу водењето на тендерот се испокараа градоначалничката Данела Арсовска со дотогашниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински, по што следеше и раскин на коалицијата на ниво на Град Скопје меѓу ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката.

ПЕРИНСКИ КОНТРА АРСОВСКА ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА

Уште еден капитален проект што стои во место е и изведбата на првата линија од брзиот автобуски систем во Скопје, на потегот од Ѓорче Петров до Ново Лисиче. Владата, во соработка со минатото раководство на Град Скопје, преку ЕБОР подигнаа кредит од 70 милиони евра за автобуското “метро”, а тендерот за изведба на првата линија беше објавен во октомври 2021 година. Од Градот Скопје во декември лани информираа дека тендерската постапка е стопирана и поради тоа не се пристигнати понуди од заинтересирани компании за изградба на брзиот автобуски систем.

ГРАД СКОПЈЕ: ТЕНДЕРОТ ЗА ИЗГРАДБА НА ПРВАТА БРТ-ЛИНИЈА Е СТОПИРАН, НЕМА ПОНУДИ ОД КОМПАНИИ