Стотици вработени во Твитер дале отказ, компанијата ги затвори канцелариите – ММС
ММС

Објавено на: 11/18/22 6:34 PM

Стотици вработени во Твитер дале отказ, компанијата ги затвори канцелариите

Метаморфозис

 

Твитер им соопштил на вработените дека деловните згради на компанијата ќе бидат привремено затворени сè до понеделник, 21 ноември, кога повторно ќе ги отворат своите врати за вработените, без да ја наведе причината за овој потег.

Би-би-си пишува дека најавата доаѓа во време на извештаите дека голем број на вработени дале отказ откако новиот сопственик Илон Маск ги повикал да се пријават за „долги часови со висок интензитет“ на работа или да си заминат.

„Ве молиме продолжете да ја почитувате политиката на компанијата со воздржување од дискусија за доверливи информации за компанијата на социјалните мрежи, со печатот или на друго место“, се вели во последната порака испратена до вработените.

Претходно месецов Твитер соопшти дека персоналот ќе го намали за околу 50 отсто. Пред Маск да ја преземе контролата врз компанијата, Твитер броеше околу 7.500 вработени.

Според „Врџ“, стотици вработени во Твитер дале отказ пред најавеното „екстремно хардкор“ културно ресетирање на компанијата од страна на Илон Маск. Милијардерот неодамна отпушти десетици вработени кои го критикуваа и исмејуваа преку твитови или во интерни пораки, по што Маск на вработените им поставил краен рок до 17 часот во четвртокот да одговорат на доставениот формулар доколку сакаат да останат во она што тој го нарекува „Твитер 2.0“. Во спротивно, ги известил дека вчерашниот им е последен работен ден, при што ќе добијат отпремнина за три месеци.

Бројот на преостанати вработени во Твитер до вчера изнесувал околу 2.900 лица.

ИЛОН МАСК НЕ ЈА ИСКЛУЧУВА МОЖНОСТА ТВИТЕР ДА БАНКРОТИРА