Деновиве ќе поевтинат месото и млечните продукти, поевтина ќе биде и струјата за месната индустрија – ММС
ММС

Објавено на: 11/10/22 6:31 PM

Деновиве ќе поевтинат месото и млечните продукти, поевтина ќе биде и струјата за месната индустрија

Метаморфозис

 

Министерот за економија Крешник Бектеши прогнозира дека деновиве ќе поевтинат цените на месото, млекото и млечните производи од 5 до 12 отсто, а до крајот на годината, ќе има и други намалувања на цените. Како што тој вели, веќе се стабилизирани цените на суровините за маслото за јадење, како и на пченицата и на пченката, така што се очекува постепено смирување на инфлацијата, која беше предизвикана од драстичниот скок на храната и на енергенсите.

„За да се заокружи листата на компании кои ќе бидат поддржани со поевтина струја, Владата во петок ќе донесе одлука мерката да важи и за одгледувачите на говеда, овци и кози, како и за свињарските фарми“, вели Бектеши.

Според него, ако суровините останат на истите увозни цени, од 1 декември се очекуваат и поголеми поевтинувања.

Денеска од Стопанската комора соопштија дека Владата ќе излезе во пресрет на барањето за проширување на списокот со дејности коишто ќе бидат поддржани со мерката субвенционирана електрична енергија од 80 евра за мегават/час. Па така, со новата одлука, ќе бидат додадени и шифрите на дејности за одгледување на свињи, молзни крави, овци и кози, со што целиот ланец на месната индустрија ќе биде покриен со субвенционирана електрична енергија.

„Ова ќе овозможи сите кои имаат фарми за одгледување на животни и се наоѓаат на слободниот пазар на електрична енергија, да бидат подеднакво третирани со мерките. Воедно, тоа ќе придонесе и кон зачувување на сточниот фонд во нашата држава, во услови кога истите се најпогодени од енергетската криза“, информираат во Стопанската комора.