Метамотфозис
На една недела од 1 ноември, од Електростопанство на Северна Македонија (ЕСМ) информираат дека од три компании ќе бараат да ги допрецизираат своите информации кои ги испратиле како понуди за набавка на гас за работењето на скопските топлани во ноември. АД ЕСМ преку ЕСМ Продажба ДООЕЛ Скопје ќе бара од трите компании да достават конечни понуди за набавка на гас за месец ноември за работа на топланите Исток, Запад и Енергетика и понуди за евентуално вклучување во режим на работа на електраната ТЕ-ТО.
Од АД ЕСМ информираат дека од приватната гасна електрана ТЕ-ТО е побарана информација дали тие самите имале обезбедено природен гас и за колкав период од претстојните месеци.
„Оваа информација е потребна бидејјќи ТЕ-ТО произведува и електрична енергија, но и топлинска енергија која влегува во системот на парно греење на градот Скопје“, велат од АД ЕСМ.
Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски минатата недела информираше дека ако нема прифатливи понуди и нема компанија која што ќе понуди испорака на гас, тогаш АД ЕСМ се подготвува за работа на топланите на алтернативно гориво, тоа е дизел горивото, почнувајќи од 1 ноември.
„Граѓаните на Скопје не треба да се грижат, парно ќе има, само прашањето е дали топланите ќе работат на природен гас или евентуално со втората варијанта“, објасни минатата недела директорот на АД ЕСМ.