Метаморфозис
Како дојде ситуација голем број медиуми неколку часа предвреме да ја прогласат смртта на кралицата? Како извор на веста, медиумите се повикуваа на британскиот сервис Би-Би-Си, но нашата вчерашна проверка покажа дека во ниту еден момент на веб-страницата на Би-Би-Си не се појави ваква вест, сè додека не беше официјално потврдено. Но, еден лажен профил на Твитер, кој се разликува само во една буква од официјалниот, во заблуда ги донесе и македонските и дел од странските медиуми, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Пишува: Мери Јордановска
Веста за смртта на кралицата Елизабета Втора се прошири неколку часа пред и официјално да биде соопштено дека таа починала, и во голем дел од македонските, но и во дел од странските медиуми. Со оглед на тоа што нови информации се споделуваа постојано во текот на вчерашниот ден во врска со здравствената состојба на кралицата, очигледно беше многу лесно дел од медиумите да се „лизнат“ на непотврдени и на неточни информации.
И проверката на факти што ја врши „Вистиномер“ беше потешка, со оглед на тоа што дел македонски медиуми, кои ги споделуваа текстовите на социјалната мрежа Фејсбук, ги менуваа истите по неколку пати во рок од неколку минути, а дел од нив, откако го предочија фактот дека сè уште нема никаква официјална потврда за смртта на Елизабета Втора, со забрзано темпо почнаа да ги бришат објавените текстови. На тој начин оневозможено беше и да се обележат вестите како неточни, бидејќи содржините беа бришени и од социјалните мрежи. Дел од ваквите информации беа објавувани уште околу 16.30 часот, според нашата временска зона, а, официјално, смртта на кралицата беше објавена околу 19.30 часот.
Ова се само дел од текстовите каде предвреме се прогласи смртта на кралицата Елизабета Втора.
Како дојде до сето ова? Како извор на веста, медиумите се повикуваа на британскиот сервис Би-Би-Си, но нашата вчерашна проверка покажа дека во ниту еден момент на веб-страницата на Би-Би-Си не се појави ваква вест, сè додека не беше официјално потврдено.
Но, еден лажен профил на Твитер во заблуда ги донесе и македонските и дел од странските медиуми.
Со логото на BBC тешко и може да се забележи дека овој профил е лажен. Единственото нешто што паѓа в очи е името на профилот – @BreakingNewBbc, каде што наместо news (вести), пишува new (ново).
Вистинската Твитер страница на Би-Би-Си, која е означена, односно потврдена од страна на Твитер како официјална, изгледа сосема поинаку.
Но, брзината на соопштување понекогаш не дава можност за комплетна проверка, па ваквите лажни профили често знаат да ја доведат јавноста, но и медиумите, во заблуда.
BuzzFeed пишува дека уште лажен профил со логото на Би-Би-Си предвреме прогласил смрт на кралицата Елизабета Втора. Твитер го укинал овој профил, но додека да се случи тоа, веќе имало над 400 споделувања на веста.
Вчера, и водителка на Би-Би-Си се извини откако погрешно ја објави смртта на кралицата. Станува збор за Јалда Хаким, која првично на Твитер пишала дека Елизабета Втора починала, а подоцна излезе со нова објава.
Имав твит за смртта на кралицата. Ова беше погрешно, нема таква официјална објава, па затоа го избришав твитот. Се извинувам, напиша таа.
Ова не се случува првпат. Во 2016 година, лажен профил на Би-Би-Си, исто така, ја рашири виралната вест дека кралицата починала, а потоа страницата беше суспендирана од Твитер.
Една година пред тоа, новинар на Би-Би-Си објави твит на кој пишуваше „Кралицата Елизабет почина“. Твитот беше брзо избришан, а Би-Би-Си објави соопштение во кое се велеше дека твитот бил испратен за време на „техничка проба за некролог“.
Официјалната објава за смртта на кралицата Елизабета Втора беше објавена на Твитер, од страна на официјалниот профил на Бакингемската палата.
Овие примери, што ги посочуваме погоре, се само дел од многуте со кои се соочува и јавноста и медиумите при информирањето на јавноста. Оттаму, препорачливо е проверката на веста да има примат пред брзината на објавување, бидејќи брзината без соодветни проверки може да нанесе штети.