Нема да се гради хотелски комплекс на крајбрежјето на Дојранско Езеро во Сретеново, Уставен суд го укина решението – ММС
ММС

Објавено на: 11/24/22 1:51 PM

Нема да се гради хотелски комплекс на крајбрежјето на Дојранско Езеро во Сретеново, Уставен суд го укина решението

Уставниот суд укина решение со кое се одобрува градба на хотелски комплекс на крајбрежјето на Дојранското езеро.

Како што наведуваат од Уставен суд, укинато е решението донесено од градоначалникот на општина Дојран на 16.05.2018 година, со кое се одобрува локална урбанистичка планска документација за дел К.П. бр.1073 и др. за К.О. Сретеново, Општина Дојран, изработена од ДГПТУ „СТАН АРТ“ ДООЕЛ Куманово, со тех.бр.26.01.12/17 од април 2018 година, кој опфат опфаќа простор од 4309,00 m².

Судот утврди дека не била во целост почитувана постапката за донесување на решението и со тоа се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, односно владеењето на правото, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина.

Дојранското езеро е прогласено за споменик на природата согласно закон со којшто е утврден посебен режим на негова заштита. При донесување на оваа одлука, Судот направи анализа на Законот за прогласување на Дојранското езеро за споменик на природата и во таа насока утврди пропуст во постапката за донесување на конкретната локална урбанистичко-планска документација, односно Уставниот суд констатира дека не е испочитувана обврската за обезбедување на согласност од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Исто така оваа обврска е пропишана и во Законот за заштита на природата.

Дополнително, Уставниот суд утврди дека нема доказ дека одлуката за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина  е објавена на веб-страницата на општината, што претставува законска обврска во постапката за донесување на плански документи со коишто се уредува и планира просторот.

Покрај деветте иницијативи со кои се оценуваше уставност и законитост на дневен ред на седницата која Судот ја одржа вчера беше ставен и овој предлог за одлучување како конечен, со оглед на фактот дека беше разгледан на 6. Седница на 23 февруари 2022 година, но не доби доволно мнозинство гласови, соопшти прес-службата на Уставен суд.