„Скопје е наш втор дом и должни сме да го почитуваме“- Тимот на „Балканска приказна“ демантира дека камионот што пропадна на плоштад е нивен – ММС
ММС

Објавено на: 11/24/22 9:24 AM

„Скопје е наш втор дом и должни сме да го почитуваме“- Тимот на „Балканска приказна“ демантира дека камионот што пропадна на плоштад е нивен

Не е во сопственост на турската ТВ серија „Балканска приказна” возилото коешто вчера пропадна на плоштадот „Македонија”

Продуцентскиот тим на турската серија „Балканска приказна” и локалниот партнер Сити Стар Продукција, којашто во изминатите седум месеци се снима на повеќе локации во Скопје,  ги демантира информациите  дека возилото коешто вчера пропадна на плоштадот „Македонија“ е во сопственост на турската серија „Балканска приказна” или Балкан Нинниси на ТРТ1.

-Тимот на серијата заедно со актерите од Турција работат и живеат во Скопје во изминатите седум месеци, грижејќи се за градот, урбаната опрема и одржување на зеленилото и чистотата на локациите каде што до сега сме работеле, пред се затоа што Скопје е наш втор дом и наша должност е да возвратиме со грижа и почит. На овој начин и ќе продолжиме да работиме во текот на идните снимања, се вели во соопштението од продукцијата.

Тие се заблагодаруваат на Скопје и скопјани за искажаното разбирање и поддршка којашто ја добиваат уште од првиот ден, кога ги започнале подготовките за снимање на серијата.

-Скопје, иако поделен од реката Вардар на два дела, од едната страна Турци и Албанци, а од другата Македонци, сепак живеат сплотено прифаќајќи ги и почитувајќи ги различностите. На ова се темели и приказната на Балканска приказна, серија која ги промовира вредностите на соживот, солидарност и заеднички живот, притоа доловувајќи ги шарените културни традиции на два различни народи и прикажувајќи ги убавините на градот Скопје, додаваат тие.

ТВ серијата „Балканска приказна“ е во продукција на Јалчин Ари и Угур Узунок, а во режија на Сердар Акар, Селахатин Санџакли и Еврим Јонеј. Линиски продуцент е Богдан Јончевски и локален партнер Сити Стар Продукција.