Стопанска банка АД – Скопје почна да гради нова управна зграда, прва во својата богата историја – ММС
ММС

Објавено на: 11/23/22 3:03 PM

Стопанска банка АД – Скопје почна да гради нова управна зграда, прва во својата богата историја

Стопанска банка АД – Скопје денес на свечена церемонија го одбележа почетокот на градба на нова управна зграда, прва во својата богата историја
Како дел од урбаната средина во срцето на градот, новиот современ објект ќе обезбеди врвни услови за работа за вработените на Банката и за нејзините бројни клиенти.

Стопанска банка АД – Скопје, како дел од Групацијата на Националната Банка на Грција, со години остварува високи резултати во работењето, кои ѝ овозможуваат да инвестира во нов, современ деловен објект со кој ќе се продолжи по патот на успехот. Ова е прв ваков објект на Банката од нејзиното основање и благодарение на соработката со домашна градежна компанија, тимот на Банката и нејзините клиенти ќе добијат нов, модерен простор, целосно прилагоден на современите потреби.

На свеченоста присуствуваа претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, амбасадорката на Република Грција во Северна Македонија, Софија Филипиду, генералниот извршен директор на Групацијата на Националната банка на Грција, Павлос Милонас, генералниот извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје,  Диомидис Николетопулос и високи гости од Националната банка на Грција, членови на Управниот одбор на Банката, како и други членови на менаџерскиот тим и вработени.


„Денес сум присутен овде не само за да учествувам во церемонијата за почетокот на градбата, туку, што е уште поважно, лично да ја пренесам пораката дека новата управна зграда ја одбележува увереноста на НБГ Групацијата во перспективите на Стопанска банка и на државата. Остануваме целосно посветени на поддршката на растот на Стопанска банка како најголеми акционери во Банката повеќе од 20 години – секогаш на страната на нашите колеги во Северна Македонија, остварувајќи синергии во нашето работење и градејќи мостови меѓу нашите две држави.“  рече генерален извршен директор на НБГ Групацијата, Павлос Милонас.

„Новиот објект исто така симболизира нова ера за банката, нешто што ќе ни даде нов живот и енергија на сите нас за да продолжиме со уште подобри резултати и да бидеме сигурни дека во иднина Банката ќе биде уште поголема и посилна и секогаш на страната на секое домаќинство и секоја корпорација, поддржувајќи ги да ги остварат своите планови и да ги достигнат своите цели.“, кажа генералниот извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје, Диомидис Николетопулос.


Новиот дом за вработените и клиентите на Банката се очекува да биде комплетиран за околу две години. Станува збор за 11 катница која ќе изобилува со природно светло и ќе нуди пријатен работен амбиент. На приземјето ќе има централна филијала и многу наменски простори за други активности. На горниот кат вработените ќе имаат на располагање пространа зелена тераса која покрај големата употребна вредност, ќе даде дополнителен архитектонски ефект на објектот. Катовите се проектирани со агилен дизајн и овозможуваат флексибилност и модуларност, односно можност да бидат прилагодени соодветно за работата на секој организациски дел. Дополнително внимание се посвети и на високата енергетска ефикасност на зградата, со што Банката значително ќе помогне во зачувувањето на животната средина, сега и во иднина.