Џафери чека официјален извештај од МВР зошто затворена седница тонски се пренесуваше во живо на јутјуб – ММС
ММС

Објавено на: 11/23/22 11:49 AM

Џафери чека официјален извештај од МВР зошто затворена седница тонски се пренесуваше во живо на јутјуб

Собранието ќе го чека официјалниот извештај од МВР и ќе ја информира јавноста преку соопштение што се случи во петокот на затворената седница на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, информираше денеска на брифинг со новинарите претседателот на Собранието Талат Џафери.

Седницата на Комисијата беше затворена за јавноста, но на Јутјуб се слушаше што се зборува односно како директорот на АНБ Виктор Димовски информира за случајот со давањето на македонско државјанство на украинецот Олесандер Онишченко.

Џафери кажа дека засега не може ништо да каже бидејќи треба да се утврди дали има упад од надвор, дали е прислушувано или не е или е настаната некаква грешка.

За барањето за изградба на т.н. глува соба од страна на пратениците, претседателот на Собранието информираше дека досега пет пати е направен повик за јавна набавка но поради неисполнување на техничката спецификација набавката не може да се реализира. Рокот за жалба за последниот повик завршува на 1 декември, но најверојатно ќе има шести повик за јавна набавка. За оваа намена Собранието планирало 33 милиони денари, а се планира за „глувата соба” да се адаптира простор во внатрешноста на Собранието, што нема да има допир со надворешните ѕидови.

Инаку директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски денеска на затворена седница на Влада ќе реферира за случајот „Онишченко”.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Тетово рече дека Димовски ќе информира за сите детали како е издадено државјанството на Укранинецот Олександер Онишченко, односно како се обезбедени позитивните мислења.

– Понатаму од тоа не можам да коментирам, со оглед на тоа дека од затворени седници на Влада не може да се даваат информации, бидејќи тоа е тешко казниво дело, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на договорот за нова инвестиција на германската компанија Киел во ТИРЗ Тетово.

Ковачевски, исто така, не одговори и дали средбата со помошник генералниот секретар на НАТО за безбедност и контраразузнавање била за случајот „Онишченко”.

– Не можам да кажам детали за разговорот со помошникот генерален секретар на НАТО за безбедност, изјави кусо Ковачевски.

Украинскиот државјанин Онишченко, кој се наоѓа на „црната листа” на САД поради неговите врски со руските власти, добил македонско државјанство како спортист во еквестријан на предлог на Коњичката федерација. Одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата, по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.

 

МИА