(Видео) Плутаат автомобили, морето ќе се излее – Силно невреме во хрватскиот дел на Јадранот – ММС
ММС

Објавено на: 11/22/22 1:33 PM

(Видео) Плутаат автомобили, морето ќе се излее – Силно невреме во хрватскиот дел на Јадранот

Силно невреме со пороен дожд и ветер утрово зафати голем дел од хрватскиот дел на Јадранското Море и предизвика проблеми на брегот на Пула, Ровињ, Риека, Пореч и Црес.

Поради тоа е прогласен црвен метеоаларм за повеќе региони од хрватското крајбрежје.

Глас Истре пишува дека на брегот на Пула плутаат автомобили, морето е на работ да се излее, а врз една сообраќајница паднало дрво.

Сообраќајот се одвива доста отежнато, видливоста е намалена, па се препорачува максимална внимателност.

Високото морско ниво го поплави и центарот на Ровињ, а големи проблеми има и во Пореч. Локални жители соопштуваат дека во Ровињ морето го поплавило градскиот плоштад и брегот. Поради оваа причина, на сите возила им е забрането да возат по брегот на Ровињ.

Вода навлегла и во некои кафулиња и ресторани, но соодветните служби посочуваат дека досега не добиле повици за помош за евентуално испумпување. Во Ровињ поплавен е дел од главниот пат, како и улици во близина на локалниот пазар.

Како што пренесува хрватскиот портал Индекс, повикувајќи се на податоци од Крометео, поројните врнежи предизвикале големи проблеми и на островот Црес.

МИА