Скопје – домаќин на најголемата ЛГБТИ конференција во регионот на Западен Балкан – ММС
ММС

Објавено на: 10/2/18 11:41 AM

Скопје – домаќин на најголемата ЛГБТИ конференција во регионот на Западен Балкан

Стотици ЛГБТИ активисти, родители на ЛГТБИ млади, пратеници и експерти од Западен Балкан и Турција ќе бидат дел од меѓународната конференција која ќе се одржува во Скопје, а која е посветена на правата на оваа заедница. Конференција која ќе се случува од 3 до 6 октомври под мотото: Наспроти се‘, иднината е наша!  е организирана од Асоцијацијата ЕРА која вклучува 58 ЛГБТИ организации од 9 земји во регионот на Западен Балкан и Турција.

Клучни области на кои ќе се фокусира дијалогот меѓу граѓанското општество и властите од регионот и Турција се образованието и правата на трансродовите лица. Властите и активистите  ќе изнаоѓаат решенија за инклузивно образование и безбедни училишта за ЛГБТИ младите како и законски решенија за правно признавање на родот, односно можноста трансродово лице да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин државата да го признае неговиот вистински род.

Конференцијата е организирана во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Министерството за надворешни работи на Р. Македонија. Во рамките на првиот ден е закажан министерски состанок на кој ќе присуствуваат делегации од владите на Косово, Црна Гора и Македонија.

Интерпартиската парламентарна група за ЛГБТИ права од Македонија е домаќин на пленарна сесија за улогата на Парламентите во унапредување на правата на оваа заедница. На пленарната сесија ќе учествуваат Џули Вард, пратеничка од Европскиот  Парламент, Наташа Шукич пратеничка од Словенија, Гордана Комич пратеничка од Србија и Маја Морачанин пратеничка од Р. Македонија и координаторка на интерпартиската група.

Во рамки на конференцијата ќе се одржи и затворен состанок меѓу родители и членови на семејства на ЛГБТИ млади од Македонија и Турција.