Патничката железничка линија Белгард – Скопје – Солун повеќе нема да сообраќа – ММС
ММС

Објавено на: 10/2/18 10:06 AM

Патничката железничка линија Белгард – Скопје – Солун повеќе нема да сообраќа

Од денеска 2 -ри октомври па се до 15  -ти јуни следната година, патничката железничка линија Белград – Скопје – Солун нема да сообраќа.

Од Македонски железници-транспорт потврдуваат дека по состанокот одржан во Белград, од „Србија воз” биле категорични дека оваа железничка линија им е неисплатлива да вози во текот на целата година.

„Дефинитивно од денеска нема да сообраќа возот на меѓународната железничката линија Белград-Скопје-Солун. Имаме преговори и разгледуваме други опции за железничко поврзување со двете соседни земји. „Србија воз” повторно ќе ја воспостави оваа линија од 15 јуни следната година и ќе сообраќа само за време на летната сезона“, велат од МЖ.

„Србија воз” уште во јануари годинава ги известиле МЖ Транспорт дека во согласност со грчки „Тренос”, донеле одлука за укинување на линијата поради економска неисплатливост.

Таквата одлука ја донеле како железнички управи од каде тргнува односно пристигнува возот, а МЖ Транспорт како транзитна железничка управа има право само да вложи приговор. Возот, според известувањето од „Србија воз”, би сообраќал сезонски во летните месеци од 15 јуни до 15 септември.