Тоа што Софијанова ги вратила парите не ја намалува одговорноста, велат од Детска клиника – ММС
ММС

Објавено на: 11/18/22 3:55 PM

Тоа што Софијанова ги вратила парите не ја намалува одговорноста, велат од Детска клиника

Во врска со објавените информации за работењето на екс директорите на Универзитетската клиника за детски болести, медицински директор проф. Аспазија Софијанова и в.д. организациониот директор Мемеди Аљадин, ја известуваме јавноста дека во тек е вонредна ревизија на досегашното работењето во различни домени меѓу кои и исплата на плати и надоместоци на плата, дежурства и надоместоци за прекувремена работа, велат во соопштение од УК за детски болести и додаваат:

-По завршување на предметните ревизии и соодветните постапки Универзитетската клиника за детски болести во целост ќе ги побара неосновано исплатените средства утврдени од страна на надлежните институции. Доброволното враќање од страна на екс директорката  на Клиниката проф. Аспазија Софијанова на неосновано стекнатите надоместоци на име дежурства не ја ослободува од одговорноста пред законот и надлежните институции. Поради необезбедената согласност за организација на работа во дежурства за 2021 и 2022 година од страна на претходното раководство, сегашниот менаџмент не беше во можност да изврши исплата за месец 10-ти 2022 година на вработените. Исплата на дежурства за вработените за 10-ти месец ќе се изврши веднаш по добивање на потребната согласност, информираат од Детска клиника.

Во соопштението се вели и дека платите на вработените не се намалени.