Ништо не кријам, ако Ковачки не се извини ќе го тужам, рече министерката Петровска – ММС
ММС

Објавено на: 11/18/22 3:41 PM

Ништо не кријам, ако Ковачки не се извини ќе го тужам, рече министерката Петровска

Никогаш не сум го поседувала имотот кој беше посочен од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки. Единствено што поседував е плац, што е уредно продаден пред повеќе од десетина години, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска на прес-конференција на која одговори на наводите дека крие имот.

– Ниту нешто кријам, ниту нешто ќе скријам. Затоа, наместо да праќам соопштенија или да објавувам фејсбук статуси, стојам пред Вас и одговорно изјавувам: Прес-конференцијата на поранешниот припадник на Армијата, Драган Ковачки е груба лага и манипулација, изјави Петровска.

Ковачки, нагласи Петровска, има рок од 24 часа да се извини, а во спротивно, како што рече, против него ќе биде поднесена тужба за клевета, а парите ќе ги донира на жртвите од владеењето на Никола Груевски.

Петровска, исто така, го повика Ковачки да се извини на семејството што е легален сопственик на имотот и да престане со, како што рече, старите навики на незаконско следење и фотографирање.

Прашана дали е сега време за вакви пресметки, Петровска рече дека таа својата обврска како министерка за одбрана ја извршува и совесно и одговорно и дека е посветена од првиот ден на она што значат предизвици за Министерството и за Армијата.

– Што се однесува до прашањето дали е сега време или не да дискутираме на вакви теми или да се обвинуваме, апсолутно за мене е секогаш време да ја зборуваме вистината. А зошто поранешниот припадник на Армијата, кој одбра самиот одбра да излезе од Армијата и да и служи на една политичка партија, а не на државата, одбира навистина во вакво време да прави конструкции и лаги против министер за одбрана, па и против Армијата, тоа е прашање кое треба да му го поставите нему. И јас нема да бегам без оглед на небулозите кои беа изнесувани и очекувам и во иднина да бидат изнесувани уште поголеми. Нема да бегам и како и од првиот момент на моето работење ќе останам транспарентна во одговорите. Нема да се кријам зад ниту една политичка партија, нема да се кријам ниту зад соопштение и фејсбук статуси како што тој тоа го правеше изминатиот период. Зборувам јасно и гласно затоа што ја зборувам вистината, изјави Петровска.

Од ВМРО ДПМНЕ подоцна изјавија:

-Попусти се сите обиди за дефокус. Во интерес на јавноста и со цел вистината од која Петровска бега да ја докажеме, во прилог ви испраќаме евидентен лист од Агенцијата за Катастар на недвижности, од кој се гледа дека објектот на ул. Радишанска, луксузната хациенда е евидентирана на име на Петровска, рекоа од партијата.