(Видео) Очекувањата болат, не очекувам ништо, а очекувам се, порача Ангела Јакимовска од Филипини, ја претставува Македонија на светски избор – ММС
ММС

Објавено на: 11/18/22 10:50 AM

(Видео) Очекувањата болат, не очекувам ништо, а очекувам се, порача Ангела Јакимовска од Филипини, ја претставува Македонија на светски избор

Нашиот модел Ангела Јакимовска  веќе неколку дена е на Филипини, каде ќе ја преставува Македонија на изборот за Miss Earth.

Македонија на овој, кој важи за еден од четирите најголеми и најважни избори за убавина, учествува по пауза од 16 години. Учествувала и минатата година, но поради пандемијата изборот бил онлајн, а Ангела ја има честа дирекно да учествува и да ја претставува државата на овој престижен избор.

-Селекцијата за овој избор се одржа во Босна, јас таму бев  крунисана за да ја претставувам Македонија на Miss Earth на Филипините. Беа избрани претставнички и од Србија, Бугарија, Босна, Хрватска и Црна Гора. И морам да кажам дека ние од Балканот овде сме неверојатно единствени, претставуваме различни држави, но сме како еден тим, а тоа ни дава енергија да го издржиме овој натпревар, кој е исклучително тежок и бара огромна одговорност, вели Ангела.

Таа од Филипините порача дека достојно ќе ја претстави државата на овој, како што вели, тежок и голем избор со преполна агенда.

-Агендата е преполна со активности и спиеме само по 3-4 часа на ден . Различната храна и временска зона се голема промена за нас и потребно ни е време на адаптација. Тука времето е постојано  променливо. На пример имавме бикини шоу на плажа во градот Замбоанга , но одеднаш почна невреме и снема струја, времето се менува неочекувано. Додека чекав да настапам ми падна огромен пајак. Имам чувство како да сум дел од шоуто „Survival“. Деновиве, пак, ме касна некаков инсект и ногата ми отече, па неколку дена не можев да носам чевли. Потребна е голема флексибилност кога се во прашање ваков тип на натпревари. Но, без оглед на условите издржавме и почекавме да заврши невремето за да продолжиме со шоуто. Секој ден стануваме рано наутро и започнуваме со обврските, вели таа.

Ангела е презадоволна од реакцијата на Филипинците, кои кон сите девојки се однесувале со почит.

-Филипинците се претопол народ , тука насекаде гледам само насмеани лица. Забележав дека во оваа земја на луѓето им е потребно многу малку за среќа и знаат да се радуваат и на туѓиот успех. Секаде околу себе ги слушам зборовите „да не ви треба помош, мадам„ или „благодарам“. Тука тоа е задолжително, а изразувањето почит кон другите е дел од нивниот начин на функционирање, па веројатно затоа и владее толку позитивна клима овде. Овој избор за убавина е толку популарен во Филипини што буквално сите не фотографираат и е невозможно да се движиме самостојно по улица. Токму затоа на јавните места каде настапуваме има и полиција, вели Ангела.

Изборот за убавина ќе се одржи на 29ти ноември, а во конкуренција се претставнички од 90 држави од цел свет. Ангела сама се организирала за улество на овој избор, особено што за овој сегмент многу малку се влоѓува кај нас, за разлика од Филипини и други држави, каде и државата застанувала зад девојката која треба да ги претставува.

-Сама се организирав, сакав да ја претставувам Македонија на овој важен избор. Беше потребно да изработам многу видеа и фотографии, како и да подготвиме бројни документи за многу краток период. Направив еко видеото за Македонија, сама го осмислив, се обидував се во неколку минути да го презентирам она што е најкарактеристично за Македонија, а што ќе го допре светот. И навистина имаше позитивни реакции за што ми е посебно драго.

https://www.youtube.com/watch?v=fd-oaBOSFGk

 

Не беше едноставно да се организира се, а се обидував да го дадам својот максимум со оглед на тоа што не се пласираме ниту на мис на светот, ниту на мис универзум. Затоа за мене сето ова претставуваше огромен предизвик, да ја претставам својата држава во најдобро светло . Сакав да направам нешто значајно за својата земја. Иако бев сама во организацискиот дел единствен човек кој ми помогна е  новинарот Зоран Василевски. Зоки ми помогна околу спонзорства за накит, чевли и вечерни тоалети, а на финалето ќе настапам во тоалети на брендот „Ламас“. Мислам дека за овој тип на натпревари ни недостасува поголемо чуство на единство и поддршка. Иако не беше едноставно сакав да бидеме комплетни бидејќи Македонија заслужува да се пласира на светските избори за убавина. Како на Зоки така и благодарам и на агенцијата Мис Балкан од Босна која овозможи да Македонија повторно да учествува на овој престижен избор за убавина, додава таа.

Ангела вели дека од овој избор не очекува ништо, но и очекува се.

-Очекувањата најмногу болат. Не очекувам ништо, односно можеби очекувам се. На крајот и поразите и победите имаат подеднаква важност и вредност. На ваков тип на натпревари најважна е психолошката подготовка. Но сум борбена по природа и се трудам да ги исполнам очекувањата како и да ја оправдам шансата која ми е укажана на мене како и на нас како држава, вели Ангела.

(В.М.)