Годинава во Европа забележани се над 200 разни напади на новинари, а новинарките се најмногу на удар, изјави Маја Север, претседателка на Европската федерација на новинари, на вториот ден од меѓународната конференција на Медиумската организација на југоисточна Европа што се одржува во Сараево. Тема се медиумските проблеми во Европа и војната во Украина.
Како што таа додаде, најновото истражување на институтот Ројтерс покажа недостиг на новинарска доверба во државните институции и информациите што тие ги даваат, пренесе весникот Данас.
– Олигарси контролираат поголем дел медиуми и ова истражување покажа дека тој проблем е најизразен во земјите од централна и источна Европа. Закани, напади, убиства на новинари се чести и нема европска земја каде новинари не се нападнати, посочи Север.
Според нејзините зборови, изминатите неколку години во Европската федерација на новинари забележале дека влади континуирано напаѓаат новинари и медиуми кои се спротивставуваат на политичкиот притисок, но и оти огласувачи се откажуваат од соработка со критички медиуми.
– Војната во Украина и пандемијата покажаа проблеми дури и во најголемите либерални демократии во светот. Затоа е потребно да работиме заедно, да покажеме солидарност и да се избориме за подобра позиција на новинарите и медиумите, особено затоа што нема начин да се откажеме, нагласи Север.
Сепак, главната расправа беше околу тоа што на новинарите во украинско-рускиот конфликт не им е дозволен пристап до првата линија на фронтот и што владите на земјите користат пропаганда како оружје во овој конфликт.
Кристина Хаврилиук, главната уредничка на независниот украински портал УА: ПБЦ од Киев, истакна дека украински новинари немаат пристап до окупираните територии од 2014 година, а денес ниту до првата линија на фронтот, за лично да се уверат во тоа што таму навистина се случува.
– Медиуми немаат пристап до првата линија на фронтот, така што моментално имаме голема расправа за тоа во рамки на медиумската заедница и се обидуваме да најдеме начин да дојдеме до воената зона. Не можам да објаснам зошто им е отежнат пристапот на новинарите и тоа не е до нас, туку до властите. Но, на првата линија на фронтот можат новинари на Си-ен-ен и Би-би-си, ама не и украински. Немаме пристап до окупираните територии од 2014 година, ниту имаме некакви можности да го сториме тоа, појасни таа.
Кристина Атовска, новинарка од скопскиот портал Фри прес, изјави дека била во Буча и оти видела трупови по улиците по заминувањето на Русите.
– Првите информации за овој случај беа објавени од украински воен информациски сервис. Имаше шпекулации на социјалните мрежи дека телата се поместувани, но, тоа е најголема лага во оваа војна, бидејќи ги видов труповите на улиците со моите очи. Треба да се види на самото место што се случува, наместо да веруваме на збор бидејќи пропагандата е голема, наведе Атовска.
Таа додаде и дека решение би било да се испратат новинари на секоја од завојуваните страни, но, оти руската страна не сака да им даде акредитации на новинари од земји што ги смета за непријателски.
МИА