Како „ничии“ деца станаа „наши“ и зошто контрола на летање не трпи притисоци – Со Наташа Мијат Крстевска за значењето на оваа професија – ММС
ММС

Објавено на: 11/17/22 11:57 AM

Како „ничии“ деца станаа „наши“ и зошто контрола на летање не трпи притисоци – Со Наташа Мијат Крстевска за значењето на оваа професија

„Наши“ и „ничии“ деца, токму ова деновиве по којзнае кој пат ја шокираше јавноста и уште еднаш покажа дека Македонија е партиски заробена држава.

Да се стават партиски кадри и таму каде што не треба, покажа и конкурсот на контрола на летање, каде за малку осум „ничии“ деца ќе беа заменети со „наши“ деца, а за последиците, освен на професионалците, никому не му беше гајле. Иако Македонија од осамостојувањето два пати се соочи со пад на два авиони и голем број жртви.

Токму за ова ММС разговараше со Наташа Мијат Крстевска, претседател на Зружение на контролори на летање во Македонија (ЗКЛМ), а инаку е вработена во М-НАВ АД Скопје, одделение АПП ТВР, а во моментот држи две лиценци,  извршен контролор на кула и радарист.  Со Крстевска се обидовме да појасниме зошто во контрола на летање не смее ниту да се помисли да се вработат несоодветни кадри, што ја прави контролата на летање единствена и што значи доколку во овој сегмент се направи грешка, односно какви катастрофални последици ќе има доколку овде влезат несоодветни партиски кадри, кои не можат да го поминат ниту првиот тест.

Крстевска вели дека ја разбира  апстракноста на нивната професија, но дека со годините се обиделе да ја популаризираат, за да стане појасно и на јавноста и на новите кандидати. Увиделе дека се помалку кандидати се пријавуваат, а самата селексција за потенцијални, идни контролори на летање е повеќе етапна.

-Прво се пријавуваат млади деца од 18 до 25 години, кои имаат завршено најмалку средно образование и одат низ специјализиран тест, ние го нарекуваме ФИСТ, кој е на Еуроконтрол, чии членки сме ние. Самиот тест се состои од две фази и интервју. И самиот тест покажува дали кандидатот ги поседува сите сегменти кои се потребни за да ја извршува функцијата контролор на летање. Грубо кажано  кандидатот треба да има аналитична мисла, логично размислување, просторна ориентација, брзина на донесување одлуки, самодоверба, и еден од факторите, кој не може да се контролира, бидејќи е вроден, а тоа е реакција при стрес. Дали кандидатот може да засука ракави и да се справи со стресот и да ја реши стресната ситуација, а не да се укочи или не дај Боже да побегне од ситуацијата, Тоа се работи и сегменти кои само два проценти од светската популација ги поседуваат. А нам ни треба да се пријавуваат што повеќе кандидати за да може тие два проценти да ги најдеме и да ги регрутираме, вели Крстевска и објаснува што се случуваше изминативе денови.

-М-НАВ во август распиша оглас на јавна набавка, селектиравме тренинг центар од Данска, кој ќе го направи селектирањето и дојдовме до селекција од 13 кандидати, од кои по лекарските прегледи и интервјуа издвоивме топ осум. Во тој селекционен процес учествуваше нашиот Управен одбор, но учествуваше и центарот за обука при М-НАВ, членови на Здружение, членови на синдикат, сите контролори на летање, кои гледаа целиот процес да биде што поправичен, потранспарентен и согласно нашите регулативи.  На селектираниете осум  минатиот понеделник требаше да им почне обуката и од нас непознати  причини се сопре целиот процес. Затоа моравме да изреагираме, бидејќи никој не кажа зошто Управниот одбор одлучи да ги спори, а се плашевме дека по истек на 90 дена од јавната набавка може се да заврши и ништо да не се реализира, да останеме без тие осум деца. Бидејќи, доколку не ја почнат обуката сега ние нема да можеме уште година ипол да имаме прв положен самостоен контролор на летање. Затоа што има теоретска обука која трае од три месеци, па  потоа симулатор за аеродром уште три месеци, па потоа има и други обуки со инструктор, со кој треба кандидатот да помине низ сите годишни времиња, па се полагаат испити… Има разни фази, затоа и за оваа професија не одговара факултетски формат, туку се оди со специјални тренинг обуки, бидејќи секоја дозвола е како да си завршил факултет, објаснува Крстевска.

Таа вели дека нивното одделение веќе е во дефицит. Во изминатиот период имало разни ситуации со вработените, некои заминале во пензија, некои поради здравствени причини се повлекле, ги изгубиле лиценците и се намалил бројот на вработени, а не се донеле нови.

– Ќе дојдеме, не дај Боже,  во  ситуација кога нема да можеме да се пориеме со смени поради дефицитарен број на вработени на кула и затоа беше круцијално овие деца да отпочнат со школување сега.  Веќе летниот период ни беше преоптоварен со ексра работење, а  летната сезона е многу набиена со сообраќај. За да ние како контролори на летање  се справиме и дадеме квалитетна услуга за воздушна пловидба мора да сме заштитени во некакви рамки. Во оваа професија има одредени норми, колку часа смее да се работи, кога треба да се прави пауза, па сменското работење…   За да не дојдеме во ситуација да опадне квалитетот на веќе постоечките контролори на летање, затоа што се трошат, стареат, мора да се обнви контролорската сила со нови кадри. Па најмладиот колега на кула ни е 40 години. Ќе има голема дупка меѓу нас и следните кандидати и тоа само поради погрешни одлуки и на претходните менаџери, јас не велам дека нашиот УО само сега од некоја причина прави погрешна или добра одлука.  На нив се слеало. Не е само поради нив и од претходната и од пред претходната гарнитура погрешни одлуки кои не доведоа до ова дереџе. Еден од директорите, претседателот на УО,  е наш колега, контролор на летање и ние моравме да се кренеме и да му дадеме поддршка и на него. Во М-НАВ управниот одбор е со три члена, двајца не се контролори, кои ако се здружат и решат да не потпишат некоја одлука, може да го опструираат третиот. Сакавме и на него да му дадеме поддршка за да се сфати дека сме едно. Бидејќи утре кога ќе му заврши мандатот, треба да се врати во сала и да може да ги погледне колегите во очи и сето тоа да биде на едно високо професионално ниво. Самото воздухопловство не трпи секакви игри, лични интереси, партиски агенди, затоа што се работи за безбедност, пред се. Ние навистина работиме како „еден за сите, сите за еден“, вели Крстевска.

Во врска со последните случувања таа за ММС објасни дека никогаш  не добиле официјално образложение што навистина се случува,  иако пуштиле допис. До вчера немало официјален одговор од страна на УП на дописот што го пуштиле Здружението и синдикатот заедно, но со вчерашен датум на сајтот на М-НАВ беше објавена ранг листата на селектираните кандидати, а од денес, веќе и физички „ничиите“ деца се дел од колективот.

 

РАНГ ЛИСТА НА СЕЛЕКТИРАНИ КАНДИДАТИ ЗА РЕГРУТАЦИЈА ЗА КОНТРОЛОРИ НА ЛЕТАЊЕ

-Пресреќни сме што приказната има среќен крај, а што се случувало во меѓувреме можеме само да претпоставуваме.  Усно беше кажано дека од данскиот тренинг центар чекаат да се изјаснат зошто и како се селектирани овие осум кандидати, меѓутоа на Здружението и на синдикатот му беше страв дека поради притисоци  да не се пробие рокот и , не дај Боже, пропадне јавната набавка. Не знаеме  менаџерскиот одбор низ какви се притисоци поминал, што се случувало.

Меѓутоа  ако едно дете не го положи селекцискиот тест, не му ни посакуваме  да биде на фрекфенција, затоа што психички ќе изгори. Јас и на децата кога беа на селекција, самите дечиња ги погледнав во очи и им реков: „Ако не го положите тестот бидете благодарни, бидејќи природно не сте за таа позиција и можете да изгорите психички“. Никому не посакуваме да дојде на работа и да се тресе, каков сообраќај ќе има, што ќе се случи. Тие што имаат природна предиспозиција тоа го работат со леснотија, а ние тоа и го посакуваме. Без разлика децата кои ќе го пројдат селекцискиот тест се „ничии“ или „нечии“, токму тие деца ќе станат „наши“. Кандидатите што ги селектираме денес се иснината на воздухопловната навигација на нашата земја и се надеваме дека и тие ќе го задржат високиот квалитет и нормативите на кандидатите кои тие во иднина ќе ги селектираат, објаснува Наташа.

Што значи контрола на летање во однос на безбедноста на сообраќајот или што ќе се случи ако се се стави кадар кој не го заслужува местото на јавноста и не и беше многу јасно. Со какви катастрофални последици ќе се случуваме и зошто овие деца мора да поминат низ многу обуки за да дојдат до работното место Наташа се обиде да појасни.

-Во самата конфигурација на контрола на летање постојат многу филтри. Значи, дури и овие кандидати што ќе полоѓат ФИСТ не е 100 проценти сигурно дека ќе станат контролори на летање. Има многу обуки и фази.  Самите инструктори подоцна ако увидат дека кандидатот не може да одговори на сообраќајот и стресот кој се бара од него може да се пролонгира или сопре обуката. Самите ние ја правиме селекцијата на крајот, односно Центарот за обука со инструкторите, затоа и беше битна нивната  поддршка во целиот процес, нели дадоа колективна оставка. Доколку дојдат деца кои не се подобни, кои не можат да го поминат тој текст, ќе немаше кој да ги обучи, вели Крстевска и дообјаснува каква штета  може да се направи со нестручен кадар.

-Можеби во минатото можело да се случи да се избере несоодветен кадар, и тоа резултирало со катастрофи. Меѓутоа сега е веќе заштитено по сите регулативи, има многу филтри. Сега веќе со секоја година се повеќе има регулативи за луѓето кои ќе ги поминат сите селекции. Значи дека тие навистина заслужуваат да се таму. Затоа ние и како  Здружение и како фела младите, на кои треба да им ја оставиме оваа професија, сакаме да знаат дека постои нешто што се вика воздухопловство, кое не смее да подлежи на притисоци. Како што не смее да има притисоци за пилот, за авиоинжинер. Некој кој се потпишува на документ дека средството е подготвено за пловидба, таму  не смее да има ништо што е нестручно и со сила дојдено, вели таа.

Крстевска ни рече дека листата е потпишана и денес осумте „ничии“ деца треба да дојдат во контрола на летање. Тоа значи и дека сите реакции и пофалби на социјалните мрежи за нив не беа залудни. „Браво, конечно некој да се спротистави на партиските притисоци во оваа заробена држава“, „За да се спасиме од политичкиот јавашлук треба сите како вас да си ја бранат професијата“ се само дел од она што граѓаните го коментираа за нив.

-Драго ми е ако сме успеале да ги инспирираме луѓето, дека треба секој да се грижи за својата професија, за услуѓите, за потписите, да биде професионалец. Секој треба лично да тргне прво од себе. Мислам дека конечно луѓето  треба да почнат да сносат одговорности, на сите нивоа во државата, согласно својата позиција. Да не доаѓаме во ситуација никој за ништо да нема одговорност. Ние, како едни од најодговорните  професии, ставаме потпис и одговараме за се што се случува во тие два часа. Затоа не може никој да ни сугерира нешто што е надвор од нашите одговорности, бидејќи на крајот ние сме тие кои се порпишуваме на листата на фрекфенции. Треба сите луѓе таму каде што стојат во својата професија да не дозволат да бидат компромитирани, а со тоа би имале посветла иднина заедно за сите. А што значи контрола на летање? Значи давање насоки, инструкции за безбедно, експедитивно и  сигурно одвивање на воздушна пловидба. Прво е безбедно. Тоа е најважно. Не  само полетување и слетување, па кај нас има и прелети. Контролорот на летање кога ќе му каже на пилотот „Clear to land runway three-four“  гарантира со животот дека таа писта е безбедна за слетување. Не  можат да сфатат луѓето што значи тоа кога ние ќе го изговориме. Затоа беше многу битно да го дадеме значењето на оваа професија на јавноста за да  знаат и младите генерации кои треба да ги регрутираме дека доаѓаат во едно воздухопловно семејство, каде едвај ги чекаат. И народот да знае дека во државава постои еден сектор кој се грижи за безбедноста пред се, вели Крстевска.

Весна Миленковска

 

 

„Clear to land runway three-four“ на оваа реченица слета првиот авион, а го спушти Наташа Мијат Крстевска, контролор на летање