За утре во 11 часот Собранието ја закажа 91-та седница, на чиј дневен ред, како 25 точка се Предлог измените на законот за АВМУ, со кој се легализираат владините и општинските кампањи. На овие измени се противат новинарските здруженија, а денеска на прес конференција здружението „Медиум објектив“ образложи зошто новинарската заедница е против предлогот.
Димитар Мицев од „Медиум објектив“ рече дека постапката за предлог измените на Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги се води на нетранспарентен начин без да се слушнат предлозите и барањата на медиумите, а предлогот е на штета на независноста на медиумите и јавниот интерес.
-Не е потребно да се носат штетни закони со тесни интереси, потребни се законски решенија за да се подобрат правата и статусот на новинарите и медиумските работници и треба да се неселективни и фер. Сметаме дека поддршката на медиумите да биде со целосна вклученост на сите страни и треба да биде водена од начелата на јавниот интерес, односно подобрување на состојбата на медиумите, професионално известување преку уредувачките политики кои ќе бидат независни од политички, партиски или владини влијанија, кажа Мицев на прес конференцијата пред Собранието, на која присуства и Павле Беловски, претседателот на Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Драган Секуловски, извршен директор на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) .
Мицев предложи, ако веќе се прават законски измени, да бидат вклучени и експерти преку техничката помош на Делегацијата на Европската унија.
-Доколку сакаат Собранието и Владата да потрошат јавни пари во одредени медиуми тоа нека го направат со одлука на Собрание, Влада. Делегацијата на ЕУ исто така, има интерес за техничка помош преку која имаме можност како држава да имаме еден од најдобрите медиумски закони во регионот, треба да се искористи ова можност, а не на ваков нетранспарентен начин да се минираат заложбите на ЕУ и новинарските организации, изјави Мицев.
Како што веќе објавивме во Собранието на 2 ноември е доставен предлог законски измени за АВМУ од страна на пет пратеници од СДСМ и ДУИ, со кој се предвидува организирање на платени јавни кампањи од страна на владата и општините, кои ќе се емитуваат на радијата и телевизиите. Се предлага и бришење на член 102, со кој е воведена забраната за платено рекламирање. Најголемиот добитник се петте национални телевизии – Сител, Канал 5, Алсат М, Телма и Алфа, кои би добиле близу 3 милиони евра од потенцијалните близу 4 милиони.