Бојкотот на владините активности успеа – петте големи телевизии се испазарија со власта за платени кампањи – ММС
ММС

Објавено на: 11/15/22 10:22 AM

Бојкотот на владините активности успеа – петте големи телевизии се испазарија со власта за платени кампањи

Двајца пратеници од ДУИ и тројца од СДСМ здружено се потпишаа на Предлог измените на законот за АВМУ (аудио и аудиовизуелни медиумски услуги), со кој се озаконува внесување на јавни пари во медиумите, преку задолжително спроведување на јавни кампањи на централно и локално ниво. Се предлага и бришење на членот 102, кој во досегашното законско решение, забранува платени реклами на институциите на власта. Предлагачи се пратениците на СДСМ, Коле Чаракџиев, Диме Велковски и Марија Георгиевска и нивни двајца колеги од ДУИ – Исмаил Јахоски и Арбена Пашоли, сите членови на матичната собраниска Комисија за транспорт, врски и екологија.

Потписите на предлог законот се на петмина пратеници, меѓутоа, се чини дека ракописот е на некој друг. Законот, така како што е напишан, е целосно во прилог на петте големи телевизии – Сител, Канал 5, Телма, Алсат М и Алфа.

2,9 милиони евра наменети за петте телевизии

Овие пет телевизии, според законското решение, добиваат 80% од парите за јавни кампањи на национално ниво, додека останатиот помал процент од 20% за сите други медиуми, вкупно 46. Грубо пресметано, од 3,6 милиони евра, петте телевизии ќе добијат близу  2,9 милиони, додека сите останати – 722.000 евра. И додека овие пет телевизии линеарно ќе си ги поделат на пет дела овие близу 3 милиони евра без никакви критериуми, сите останатите медиуми за да добијат владини и општински пари ќе треба да исполнат четири критериуми.

визуелизација1: Поделба на средствата меѓу петте ТВ и останатите медиуми

Ставањето на предлог законот следува по последниот неофицијален бојкот на овие пет телевизии кон активностите на владата и премиерот. За илустрација на бојкотот е односот на екипите на петте телевизии, кога по лидерската средба на 7 Ноември, во информативните изданија беа пренесени изјавите на сите лидери, но не и на премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, кога камерите беа симнати во моментот кога застана пред микрофонот.

Предлагачите на законските измени бараат расправа по скратена постапка. Предлог законот е поднесен во Собранието на 2 ноември, а според неофицијални најави, веќе е ставен за комисиска расправа.

Задолжителни јавни кампањи како алатка за финансирање на медиумите

Документот е делумно познат на јавноста при првиот обид да се протурка ова законско решение пред годишните одмори. Законот предвидува владата да организира 1-4 јавни кампањи годишно преку спотови кои ќе се емитуваат на радио и телевизии, за што се издвојува 0,1% од државниот буџет. Општините имаат исто таква обврска, за што ќе платат 0,5% од општинскиот буџет.

Парите за националните кампањи законот предвидува да бидат наменети за петте национални телевизии во износ од 80% или секоја од овие пет телевизии да добие по 42 милиони денари. Останатите од 20% нема за локалците, туку ќе ги делат телевизии на државно ниво преку оператор на јавна електронска комуникациска мрежа, преку сателит, регионални телевизии, како и на радијата на државно и регионално ниво.

Петте национални телевизии, според предлогот, ќе добијат и половина од парите од општините за јавни кампањи, додека втората половина за сите останати медиуми – односно 93 на број.

За големите по 690.000 евра, за малите 5.500 евра

Направивме груба проценка, која се засновува на јавно достапните податоци, а тоа се централниот и општинските буџети, годишните сметки на петте национални телевизии, како и поголемиот дел од останатите медиуми.

Предлог – ТВ

Сумирано, секоја од петте телевизии од јавните кампањи ќе има приход од близу 690.000 евра годишно. Останатите 93 радија и телевизии, доколку ги исполнат критериумите може да добијат основен износ од 5.500 евра.

Ако се направи уште една математика, за тоа во колкав процент ќе учествува владата и општините во приходот на една телевизија, споредено со приходите од 2019 година, излегува дека во случајот со ТВ Телма, тоа би било учество на јавни пари од 35% во вкупните приходи. Во ТВ Алфа, која е критички настроена кон владата, учеството е 31%, во Алсат М 26,5%, Канал 5 18,62% и Сител како најбогата телевизија со 8,80% од приходите.

Визуелизација2  -Проекција: Учество на владините пари во приходите на петте телевизии

Актуелната власт предводена од СДСМ дојде со голем отпор кон внесување на јавни пари во медиумите. Меѓу првите законски измени беше внесувањето на членот 102 во Законот за АВМУ со кој се забранува рекламирањето на владата, институциите и општините.

Која е разликата од Владата на Никола Груевски, која трошење по 5 милиони евра годишно во избрани медиуми и актуелниот предлог за внесување на јавни кампањи во системот? Тогаш беа 5 милиони евра, сега се 4. Тогаш беа неофицијални тие владини пари, сега ќе бидат официјални преку закон.

За денеска е најавена реакција на медиските здруженија. Засега политичките партии делуваат внатре во институциите, а нема реакција ниту од опозициската ВМРО ДПМНЕ.

 

В.К.